Патниот правец Битола – Меџитлија продолжува да создава загриженост кај жителите од повеќе населени места што гравитираат кон поранешната општина Бистрица. Последните случувања, сообраќајните незгоди во кои животот го загубија млади луѓе, беа дополнителна причина жителите на селото Кравари, кои се најзасегнати од фреквентноста на регионалниот пат, кој е во фаза на реконструкција, да започнат со собирање потписи и со изготвување петиција за зголемување на безбедноста на населението.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска иницираше средба со жителите од овие населени места со цел воспоставување соработка со надлежните институции на централно ниво и спречување на дополнителни несакани последици.
– Средбата е иницирана од Општина Битола, по големите поплаки на жителите од јужниот дел на нашата Општина. Изразувам искрено сочувство до семејствата на луѓето што настрадаа на овој регионален пат кон Република Грција. Тука сме да донесеме заеднички ставови, да се слушнеме меѓу себе и да напоменам дека без апострофирање на поединци или префрлување на вината од една на друга институција, Општина Битола е должна да ги сослуша своите граѓани и да ја покаже својата грижа за нив – вели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Ова е доста фреквентен пат, на 15 километри е границата со Грција, таму се бројни стопански субјекти, се превезуваат многу луѓе, поради што, иако општината нема директна надлежност, веќе наредната недела ќе биде иницирана средба со Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Јавното претпријатие за државни патишта, како и со изведувачот и со надзорот на реконструкцијата, која е во тек.
– Да се заврши постапката за изградба со комплетна сигнализација и, секако, останува апелот до граѓаните за внимателно возење на овој дел од патот, кој е навистина фреквентен, а поминува низ населено место. Овој пат и порано бил проблематичен, имало многу велосипедисти и пешаци, но сега е веќе невозможно тоа. Неопходно е сите заедно да поработиме на зголемување на безбедноста, затоа што конкретно во Кравари има училиште, детска градинка и неопходно е преземање превентивни мерки, затоа што патот кој поминува низ населено место, всушност, е влез од Грција – рече Коњановски.
Во име на жителите на Кравари, Ивана Петровски, која ја иницираше постапката за потпишување петиција за поголема безбедност во сообраќајот на населението во ова место, изрази благодарност до градоначалникот за покажаниот интерес за соработка во решавање на проблемот, иако тој не е во локална надлежност. Петровски испрати апел до сите релевантни институции да се преземат итни мерки, затоа што безбедноста на сите граѓани, а, пред сè, на децата и на повозрасните, е загрижувачка.
– Пред сè, апел прво до МВР: 10-20 дена да има патрола на возила што ќе ја следи брзината на возилата, а не само еден-два часа. Да се постави патна сигнализација, до училиштето да има знак дека има школо, да има пешачки премин, како и соодветна сигнализација кај градинката и кај амбулантата. Моментално, патот во Кравари е застрашувачки – рече Петровски, нагласувајќи дека зголеменото присуство на полицијата ќе ги намали опасностите.
Инаку, ЈП за државни патишта во моментов врши рехабилитацијата на делницата Битола – Граничен премин Меџитлија. Рехабилитацијата се одвива со средства обезбедени од ЕБОР во висина од 3,27 милиони евра, а се рехабилитираат вкупно 12,7 километри. Предвидено е активностите за рехабилитација на оваа патна делница да завршат кон крајот на октомври оваа година.