Патниците се жалат автобусите не тргнуваат навреме – од ЈСП се правдаат тоа се инцидентни случаи

738

Патниците го критикуваат одвивањето на јавниот градски превоз. Најмногу критики се за тоа дека автобусите на поедини линии не тргнуваат во одреденото време, како наутро така и навечер околу 20 часот. Од ЈСП информираат дека нивната служба нема регистрирано поголеми отстапки при реализацијата на утврдениот возен ред, ниту пак, случај на не тргнување на автобус на одредена линија во утврдениот термин. – Забележани се инциденти ситуации со отстапки во возниот ред во разумен интервал до 5 минути, велат од ЈСП и потенцираат возачите добиле во возилата да одржуваат максимален број на патници до 30 лица, односно доколку проценат дека во даден момент има повеќе патници, да не застануваат на станица, сè додека во возилото нема оптимален број на патници

Револтирани патници преку социјалните мрежи го критикуваат одвивањето на јавниот градски превоз. Најмногу критики се за тоа дека автобусите на поедини линии не тргнуваат во одреденото време, како наутро така и навечер околу 20 часот.

Наташа Бојаџиевска: А сега кај ви е 57-ца од Козле во 20:02 часот што трга? Од тогаш дремам на автобуската кај Зебра и не помина никаков автобус. Како сега дома да стигнам?

Марина Петковска Мисердовска: Се прашувам зошто плаќаме автобуски билет кога нема со што дома да си одиме. Ако ни пишат казна за непочитување на полициски час, вие да ни ја платите. Срам да ви е, што е ова 59-ка ја нема никаде.

Антонија Павковиќ-Мирческа: Зошто саботен возен ред? Пуштете нормално. Само така ќе ја избегнете турканицата што ја правите постојано.

Од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје информираат дека нивната служба нема регистрирано поголеми отстапки при реализацијата на утврдениот возен ред, ниту пак, случај на не тргнување на автобус на одредена линија во утврдениот термин.

– Забележани се инциденти ситуации, со отстапки во возниот ред во разумен интервал до 5 минути. Бројот на возила, односно важечкиот возен ред ги задоволува потребите на бројот на патници кои периодов го користат јавниот превоз. Откако во понеделникот беа регистрирани неколку ситуации на гужви во утринските часови на одредени линии (2, 5, 11, 22, 57, 61, 62, 63 и 67), во утринските часови сообраќаат зголемен број на возила, со цел да се избегнат гужвите. Возилата на линиите 9, 19, 20 и 23 возат по редуциран делничен возен ред, за разлика од сите други кои сообраќаат по саботен возен ред – велат од ЈСП и потенцираат дека по поместувањето на временскиот интервал за забрана за движење на населението до 5 часот, јавниот превоз е значително растоварен и се одвива без проблеми.

На нашето прашање дали во автобусите се почитуваат препораките за држење на растојание меѓу патниците, од ЈСП одговорија дека тоа го контролираат возачите.

– Тие добија препорака во возилото да одржуваат максимален број на патници до 30 лица, односно доколку проценат дека во даден момент има повеќе патници, да не застануваат на станица, се додека во возилото нема оптимален број на патници – нагласуваат од ЈСП.

Инаку, линиската контрола (контролорите) во автобусите дали некој се шверцува се одвива со намален интензитет.

– Во меѓувреме, и нивниот ангажман периодов е намален, односно намален е интензитетот на вршење на редовните контроли за проверка на билети. За вршење на нивната работа контролорите  добиено заштитни маски и ракавици – истакнуваат од ЈСП.

Автобусите во градскиот превоз секојдневно се дезинфицираат пред на почнат со работа со цел спречувањето на ширењето на коронавирусот.

(С.Бл.)