Нарушена е едногласноста во коалицијата на СДСМ, а во последниов период помалите коалициски партнери често истапуваат со различни ставови и закани за напуштање на власта. Потврда за ова е и најавата од ВМРО-Народна партија дека ќе гласа „против“ пакетот закони поврзани со изградбата на патните коридори, со дополнување дека останува во владината коалиција.
Пратеникот на ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски, денеска рече дека партијата ќе гласа „против“ петте Предлог-закони со европско знаме, поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д, но остануваат во владината коалиција за да дадат поддршка за уставните измени.
-Што се однесува до проблемите во коалицијата, мислам дека сега во овој период најзначајна работа ни се уставните измени, да видиме тие какви ќе бидат, какви ќе бидат амандманите што ќе се предложат од Комисијата. Има начин да разговараме и за уставните измени, меѓутоа и за сите проблеми што постојат во функционирањето на Владата, рече Балкоски.
Тој нагласи дека остануваат во коалицијата, меѓутоа, како што посочи, ќе ги кажат своите ставови за сите политички процеси кои се одвиваат во државава.
Претходно и лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, се закани дека ќе ја напушти владејачката коалиција доколку не биде прифатена иницијативата на партијата за обесштетување на семејствата на загинатите бранители и воени инвалиди од конфликтот во 2001 година. Откако доби поддршка за иницијативата од премиерот Димитар Ковачевски реши да остане во власта.
Според лидерот на Достоинство кочницата за спроведување на иницијативата е во ДУИ.
– Знаев дека додека не избоксуваме согласност од ДУИ, немаме ништо од тоа, истакна Ангелов за „Макфакс“.
Коментирајќи ги реакциите од страна на огнената група на ДУИ и изјавите на Изет Меџити, Ангелов оцени дека со ДУИ командува Али Ахмети, а Меџити можел досега да им помогне на ветераните на УЧК.
„Огнената група може да кажува што сака, во ДУИ командант е Али Ахмети. И на УЧК и на ДУИ. Огнените ќе скокаат и ќе излезат од ДУИ, со тоа нивната кариера ќе заврши… Изет Меџити колку време беше на висока позиција во ДУИ? Што чекал Меџити, зошто 22 години не им помогнал на ветераните од УЧК? Чекал 22 години и сега кога има политички несогласувања ја злоупотребува темата да поентира кај дел од Албанците“, рече Ангелов.
Тој додаде дека најголем дел ветерани од УЧК се вработени во државните институции, како на пример во полиција, АРМ и слично, за разлика од бранителите кои се оставени на улица, на маргините на општетството.
Расколот и препукувањата на Огнените со ДУИ, пак, покажува дека разногласие има и во албанскиот блок на власта.
Интересно е дека Огнените и Алијанса за Албанците имаат заеднички став дека отворањето на Уставот треба да се искористи за замена на терминот 20 проценти со зборовите „албански јазик“.
Од ДУИ, министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека тоа сега не е приоритет. Деновиве и вицепремиерот и заменик-претседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, истакна дека освен промената на Преамбулата со вклучување на Бугарите во Уставот, експертската работна група нема мандат да разговара и за други промени во највисокиот правен акт на државата.
Во меѓувреме, претседателите на опозициските Алтернатива и Беса, Билал Касами и Африм Гаши повторно си подадоа рака за соработка. Двајцата прво беа сопартијци во Беса, па лути политички ривали што резултираше со поделба на партијата на два политички субјекти. Касами и Гаши во Собранието денеска потпишаа договор за соработка на двете партии во насока на формирање на опозициски фронт. Останува да видиме дали ќе им се придружат и членовите на Огнената група од ДУИ, по повеќето покани кои им беа испратени.
(И.С.)