Партиите со тони изборни ветувања: Иде живот, на Македонија и Швајцарија ќе може вода да ѝ носи!

54

Првоаприлските шеги се чини ќе ни траат до 9 мај, ако се мери според понудите на партиите во овој период на предизборната кампања. Од сите страни се најавуваат проекти, фрчат проценти, се нудат решенија за децениски проблеми, се бараат најубедливите зборови кои би требало да родат глас на една или друга страна, се мисли со главата на народот, се зборува на јазикот на народот… И не само тоа. Сите се претставуваат дека се со напредни европски идеи, дека се политичари со голема визија за нашата мала држава, со силни зборови за борба против корупција, непотизам, за независен судски систем… Се мешаат ингеренции на централната, локалната власт, претседателската…

И сите програми почнуваат со добропознатата честичка ЌЕ. Ќе се обезбедат повисоки пензии, Ќе има повисоки плати, Ќе се градат нови патишта, Ќе никнат нови фабрики, Ќе се прошируваат училиштата, Ќе има нови градинки, Ќе се мисли на најстарите гласачи, но нема да се заборави на најмладите, Ќе има благосостојба за сите.

Ако се верува на дадениот збор и пишаната програма, најголема благосостојба ги очекува пензионерите, а тие се и најголемо гласачко тело. И едни и други и трети, нудат проценти и покачувања по неколку илјади денари. Минимална пензија од 20.000 денари, просечната од 30.000 денари. Усогласување на пензиите секој јануари и јуни. Воведување на новогодишен пакет за секој пензионер во висина од 6.000 денари, како и изградба на најмалку 12 нови домови за стари лица. Другите, пак, ветуваат линеарно зголемување на пензиите од по 5.000 денари.

Партиите вооружени со тони предизборен ентузијазам ветуваат и неизмерна грижа и емпатија и за секое дете, па ветуваат отворање на нови градинки, зголемување на опфатот на децата од 70 отсто, инклузивни училишта, па дури и логопедски и дефектолошки третмани за секое дете.  Другите најавуваат настава во една смена и продолжен престој за сите ученици, како и учебник за секое. Одат дури дотаму да покажат чувство за истражувачки, магистерски и докторски трудови, па според методологијата за објавени трудови во списанијата со фактор на влијание кои се дел од Web of science (Thomson Reuters) во целост ќе се финансираат, а најпрво наведениот автор ќе се исплаќа месечен надоместок во висина од 50% од неговата тековна месечна плата во период од 1 година.

Дежаву пред секој изборен циклус, партиите и леви и десни се потсетуваат на инфраструктурните проекти кои со децении не се мрднати од мртва точка и според рокот на траење можат слободно да влезат во Гинисовата книга на рекорди. Се најавува довршување на автопатските делници, се разбира тука на прво место е Кичево-Охрид, рехабилитација на регионалните и локалните патишта, нови пруги, брзи возови. Другите опоменуваат дека наводно за автопатите досега се фрлени 300 милиони евра и ветуваат сите кратење на непродуктивните трошоци и пренасочување онаму каде што се потребни. Кај нив автопатот Кичево-Охрид е на приоритетно место, изградбата на патните правци, Тетово-Гостивар и Битола-Прилеп, реконструкција на железнички коридор 10, и набавка на возови. Ветуваат модернизација на РЕК Битола и изградба на ветерни паркови.

Значаен дел од програмите е отстапен на раст на БДП до 5% годишно и намалување на инфлацијата не повеќе од 2% до 2,5% годишно, буџетски дефицит кој што постепено ќе се намалува на ниво под 3% од БДП, намалување на невработеноста до 7,5%, односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ја гледаат Македонија меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и граѓаните, со задржување на рамниот данок и капитални инвестиции од најмалку 3 милијарди евра.  Другите се за силна домашна економија, раст на платите и пензиите, 1.100 евра просечна плата.

Ако гласачите веруваат на изборните програми, мед и млеко ќе тече и во културата каде што се  планирани 750 милиони денари годишно, односно 50 милиони евра за 4-годишен мандат за капитални проекти што ќе ја поттикнат продукцијата на македонски серии и филмови, потоа 800 милиони евра за македонското земјоделство, помош од 250 милиони евра годишно за капитални проекти за општините. Во здравството се најавени вработување на 500 лекари и 500 лица медицински персонал, набавка на 100 возила за Итна медицинска помош, ограничување на маржите на лековите и медицинската опрема. „Стоп за дуализмот во Клиничкиот центар“, ќе значи дека нема да има политички директор и економски директор, туку само раководители на клиники. Приоритет ќе биде завршување на Клиничката болница во Штип.

Другите, пак, предвидуваат укинување на партиципацијата од 20% за јавните здравствени услуги, обезбедување квалитетни услови за пациентите и европски услови за здравствените работници преку покачување на платите, платените специјализации и едукацијата со цел да се обезбеди враќање на дел од македонските лекари од странство. Исто така ветување е дека ќе се укине партиципацијата за студирање на медицинскиот, стоматолошкиот и фармацевтскиот факултет за да се реши критичната побарувачка за здравствени работници.

Се разбира, ветувањата не се ветувања, ако не се со „европско знаменце“. Така, сите со полна уста за европска агенда за побрзо интегрирање во ЕУ, но сите со свои методологии и различни диоптрии.

Иако кампањата ни за претседателските (04-22.04) ниту за парламентарните (18.04-06.05) не е официјално почната, ова се сепак, само најави за шарени ветувања. Да потсетиме дека експертите најавуваат дека нè очекува највалкана кампања досега. (Е.А.)