Албанската опозиција најави дека ќе излезе со свој кандидат за претседател Албанец на следните претседателски избори, надевајќи се дека нивниот кандидат би можел да помине и во вториот круг. ДУИ, пак, претходно најави заеднички кандидат со СДСМ и со партиите кои ќе се приклучат на „Европскиот фронт“. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека веќе направиле поширок избор на претседателски кандидати. Сепак, имињата на кандидатите ќе ги дознаеме наверојатно во јануари следната година врз основа на анкетите кои треба да покажат кои од кандидатите има солидна поддршка за претседателската трка.
Претседателот на Демократско движење, Изет Меџити, во телевизиско гостување на ТВ21 истакна дека албанската опозиција составена од Демократско движење, Движење Беса и Алтернатива ќе имаат свој кандидат за претседател Албанец.
„Албанската опозиција – Демократско движење, Движење Беса и Алтернатива, со отворена врата и за другите, ќе имаме наш кандидат за претседател, Албанец. Сè уште немаме име, но ова го имаме како определба. Според предвидувањата, може да помине и во втора рунда“, истакна Меџити додавајќи дека шансата за нивниот кандидат е поради што, како што рече, „од една страна е една силна ВМРО, а од друга страна СДСМ падната на земја“.
Претходно, ДУИ најави можност да кандидираат заеднички кандидат со СДСМ и со останатите партии кои би се приклучиле на „Фронтот за Европа“.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, нагласи дека на државно ниво се води координацијата со сите политички партии, независно од етничка или каква било припадност, кои се залагаат за членство во Европска Унија да се обединат во заеднички фронт за продолжување на европскиот пат на државава.
„На ниво на политичката партија работиме со албанските политички партии во моментот, кои се залагаат за Европска Унија, за создавање на тој фронт, а се разбира како ќе се ближат изборите, тогаш ќе се прошири или евентуално ќе се разговара и со други партии“, истакна Османи, додавајќи дека не ја исклучува можноста „Фронтот за Европа“ да настапи со заеднички кандидат на претседателските избори следната година.
ДУИ преку вицепремиерот Артан Груби претходно најави дека е подготвена за истовремено одржување на претседателските и парламентарните избори во април в година.
Во тој случај останува да се види дали Стево Пендаровски би добил поддршка за уште еден мандат, иако тој одлуката дали пак ќе се кандидира ќе ја носи во зависност од резултатите од анкетите кои ќе треба да се направат најдоцна во јануари 2024.
„Дали ќе се решам да одам на втор мандат ќе зависи од анкетите кои ќе треба да се прават, да го погледнеме расположението на граѓаните некаде во декември годинава или јануари догодина, бидејќи изборите се во април 2024 година и само од тоа ќе зависи. Ако имам доволна поддршка од граѓаните, можам да размислувам за втор мандат. Ако не, се разбира дека ќе се повлечам“, изјави Пендаровски.
Ниту министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски засега не открива дали политичката кариера во иднина ја гледа во претседателската вила на Водно, со оглед на тоа што му останува уште една година владеење со МВР.
– Моите политички амбиции се да ги оствариме целите на државата. Не е ниту момент, ниту време да се занимаваме со некакви кадровски комбинаторики, бидејќи сега е моментот кога имаме сериозна енергетска и економска криза и треба сите максимално да се насочиме во тој дел. Секако дека ќе дојде моментот и ќе разговараме и на такви теми – рече Спасовски.
ВМРО-ДПМНЕ веќе го направи поширокиот избор на кандидати за следните претседателски избори. Меѓу кандидатите повторно се спомнува Гордана Силјановска-Давкова, која би можела да има нов дуел со Пендаровски. Но, најголемата опозициска партија смета дека Силјановска-Давкова би можела да биде солиден кандидат и за иден претседател на Собранието. Во тој случај во игра се членот на Извршниот комитет, Сашо Клековски, и универзитетскиот професор Трајко Славевски, кој е претседател на Советот на град Скопје. Доколку ВМРО-ДПМНЕ се реши повторно да кандидира непартиски кандидат, тогаш партиската поддршка би можел да ја добие претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.
Останува отворено и прашањето дали партиите ќе постигнат договор за тоа претседателските избори да се одржат заедно со парламентарните во април 2024, што би значело истовремено битка на два фронта за поддршката од гласачите.
(И.С.)