Парното во Скопје поскапи за 4,51 процент

64

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ja објави новатa цена на топлинската енергија во Скопје, што ќе се применува од утре. Парното, како што истакна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски поскапи за 4,51 процент.

ЕСМ побарала 50% покачување на цената на парното.

– Со овие одлуки цената за граѓаните останува во опсег стабилна, а трите компании на ЕСМ за снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија се практично приморани што побрзо да го стават во функција топловодот Беласица за системот да работи економично и во целост да ја користи топлинската енергија од ТЕ-ТО. РКЕ со денешните одлуки, водејќи се од интересот на потрошувачите поставува финансиска рамка и праќа сигнал за максимално економично работење на ќерките фирми на ЕСМ. Со работата на ТЕ-ТО и функционирањето на топловодот Беласица просечна сметка за топлинска енергија изнесува 1.800 денари, без работа на ТЕ-ТО 2.800 денари, што е разлика во цена од 60 проценти – објасни Бислимоски.

Тој потенцираше дека факт е оти трошоците за набавка на енергенски се зголемени.

– Но, сега кога ги чуствуваме последиците од кризата, а цената на гасот е намалена, не може да се оди со такво зголемување. Компаниите требна да ја зголемат својата ефикасност и продуктивност. За 5 милиони евра сме ги намалиле трошоците кои ги побараа – рече Бислимоски.

Одлуката за новата цена требаше да биде донесена во август годинава, но беше одложена поради оштетувањето на топловодот на мостот „Беласица“, што беше опожарен и се чекаше старт на работите за санација. Вообичаено РКЕ носи две одлуки за парното годишно, првата на почетокот на август, а втората во декември. Годинава, како што кажа Бислимоски, ќе донесат само една одлука за цената која ќе важи во текот целата година.

Во Скопје има околу 60.000 корисници на топлинска енергија. Во реоните каде што има парно греење трафостаниците не се димензионирани за греење со електрична енергија поради што Бислимоски очекува да продолжи субвенционирањето на цената на греењето од страна на Владата.

Со одлуката за новата цена треба да се вратат и шесте милиони евра што во јануари 2022 година ги даде Владата за набавка на природен гас за потребите на парното греење во Скопје.