Полјаците почнаа да излегуваат на гласање на парламентарните избори во Полска за 460 места во Сејм или Долниот дом и 100 места во Сенатот или Горниот дом, во кои се очекува релативен победник да биде владејачката ПиС.
Пред изборите, анкетите покажаа дека национал-конзервативната партија на власт, Право и правда (ПиС), најверојатно ќе остане најмоќната сила, но нема да може да освои апсолутно мнозинство.
На премиерот Матеуш Моравјецки тогаш ќе му треба поддршка од ултрадесничарскиот сојуз за да формира влада. Екстремно десничарската Конфедерација отфрли можна коалиција со ПиС уште во кампањата пред гласањето. Конфедерацијата сака целосна забрана на абортусот и на нејзините претставници не им се далечни антисемитските теории на заговор.
Националистичката партија Право и правда (ПиС), која сега се бори за трет мандат, се судри со Брисел околу реформите во правосудниот систем кои навлегуваат во независноста на судството и за законот за медиуми кој е приспособен за потребите на власта.
-Изборите се последната шанса да се запре оддалечувањето на Полска од европските вредности и нејзиното приближување кон полуавторитарен систем, тврди полската опозиција.
Либерално-конзервативната Граѓанска коалиција (КО), предводена од поранешниот премиер и поранешен претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, се очекува да биде на второто место, веднаш зад ПиС, според анкетата. Граѓанската коалиција би можела да формира коалиција со левичарскиот сојуз Левича и христијанскиот конзервативен Трет пат.