Паркирањето нема да поскапи, а на зонско, освен со СМС, ќе се плаќа и со бар-код од мобилен!

1293

– Се работи за нов и модерен начин на плаќање на нашите услуги без испраќање на СМС-пораки и купување на греб-картички. Со оваа новина, покрај домашните корисници ќе се воведе и можност странските државјани на поедноставен начин да извршат плаќање на паркинг услугите – вели Христовски

Директорот на јавното претпријатие „Градски паркинг“, Бојан Христовски, во разговор за весникот ВЕЧЕР, говори за новитетите кои ќе се воведат во начинот на плаќањето на паркинг-услугата, за тоа како се справуваат во услови на економска и енергетска криза, за потребата од повеќе паркинг места, за возобновувањето на услугата шлеп-служба за потребите на граѓаните, за хаварисаните возила кои непотребно ги зафаќаат паркинг местата, за злоупотреба на местата на паркинзите наменети за инвалиди, како и за приоритетите на претпријатието

Неодамна набавивте 70 специјални уреди со кои настојувате да воведете  поголем ред во паркирањето. Дали оваа набавка беше неопходна и што се постигнува со новите апарати?

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ спроведе постапка за јавна набавка, со која се набавија 70 „смарт“ уреди со чија помош ќе може да се врши побрза и поефикасна контрола на паркираните возила. Оваа набавка беше неопходна од повеќе аспекти, а првенствено поради недоволен број уреди за контрола кои воедно беа застарени и делумно нефункционални. Новите уреди се со многу подобри перформанси, работат на андроид оперативен систем, кој е компатибилен со новите технологии, а со тоа постојат и можности за надградување и за воведување на понапредни  апликативни технологии. На крај, би истакнал дека набавените уреди се со цена која е околу петпати помала од уредите кои претходно биле набавувани.

Станарите постојано се жалат дека не успеваат да си најдат паркинг место пред сопствената зграда, особено во централно градско подрачје, бидејќи паркинзите ги користат и граѓани кои не живеат во тие згради. Се вртат со часови за да се ослободи паркинг место. Планирате ли некако да го решите овој проблем?

Еден од основните постулати врз кои се заснова политиката на нашето претпријатие е задоволен корисник на услугите кои ги нудиме во организацијата и регулацијата на сообраќајот во мирување, а особено на станарите кои гравитираат кон јавните површини кои се опфатени со зонско паркирање. Постојните паркиралишта кои се лоцирани во централното градско подрачје, а особено  во Мал ринг, се со ограничен капацитет – проектирани за ограничен број на возила, а не треба да се заборави и фактот дека во овој простор е сместен поголемиот дел од државната администрација, а со тоа и потребите на граѓаните и нивните права и обврски, што пак се рефлектира и со зголемена потреба од паркинг простор. Но и во вакви услови приоритет ни се станарите, за кои паркингот за првото возило е бесплатно, а за второто е со цена од 300 денари месечно. Во овој дел од градот, во зона А, има ограничување за паркирањето на возилата од два часа, ограничување кое може да се коригира на еден час, како би се остварила поголема флуктуација на возила, зголемено користење на катните гаражи, со што би се ослободил просторот за станарите.

Дали се планира зголемување на бројот на паркинзи и на кои локации? Во Скопје, де факто, станува претесно со постојните паркиралишта!

Што се однесува до зголемувањето на бројот на паркинг места – тоа е еден од приоритетите на новото раководство.  Во соработка со Град Скопје и општините во Град Скопје, започнати се иницијативи за воведување на зонско паркирање  во општините во кои досега не е воведено, како и проширување на зоните на постојните паркиралишта. Иницијативата е веќе во работна фаза во општините Гази Баба, Аеродром и Карпош.  Во програмата на градоначалничката на Град Скопје, предвидени се нови паркиралишта и во општините Кисела Вода и Чаир. Во општина Аеродром во моментов во завршна фаза е ставање во функција  на станарите на уште три јавни паркиралишта  на зоната Д9. Од досегашните искуства со воведување на зонско паркирање, тврдам дека најголем бенефит имаат станарите затоа што ќе имаат место повеќе за паркирање на своите возила. Со зголемувањето на бројот на возила се зголемува потребата од поголем број на паркинг места, а едно од решенијата е изградба на монтажни гаражи (fast parking) – инвестиција која е многу голема но, во соработка со локалната самоуправа е реална и остварлива.

Ја возобновивте услугата шлеп-служба за потреба на граѓаните. Каков е одѕивот на скопјани и колку ја користат оваа услуга на претпријатието?

Изминатиов период, откако почна промоцијата на оваа услуга се зголемува интересот на граѓаните за нејзино користење, и во просек корисниците на градскиот паркинг ја користат околу 40 пати месечно. Бидејќи имаме најниски цени во градот за ваков тип на услуга и покрај двојното покачување на горивата во изминатиов период, ние остануваме со непроменети цени и лесно достапни. Имено, оваа услуга може да се користи на општинските и локални патишта во Скопје, а цените за транспорт на возила до 40 километри се: патничко моторно возило – 1.000 денари, возило над 2 тона – 1.500 денари

Воедно, ЈП „Градски паркинг“, нуди и услуга за преместување и пренос на возила со специјалните возила „пајак“ и тоа по цена од 1.000 денари за преместување, а 2.000 денари за пренос на возила.

Со какви тешкотии во моментов се соочува претпријатието со оглед на општата економска и енергетската криза во државата и како излегувате на крај со нив?  

Во однос на тешкотиите настанати од енергетската криза и енормното поскапување на продуктите, ние како претпријатие трпиме најголем удар од поскапувањето на електричната енергија и горивата. Во врска со тоа, преземаме соодветни мерки, работиме на зголемување на енергетската ефикасност на нашите објекти, ги заменивме старите светилки со нови лед-светилки кои работат на сензори, во тек е заменување на старите грејни тела со инвертер клима-уреди, започнуваме со поставување на изолација на сите наши постојни објекти, со што би ја намалиле потрошувачката на електричната енергија. Во однос на количествата на горивата кои се користат за службените возила, бележиме намалена потрошувачка, како резултат на згoлемена контрола и ограничено и домаќинско користење на истите. Во тек е и постапка за набавка, односно поставување на плински уреди на патничките моторни возила, со што, освен што ќе ги намалиме трошоците за гориво, ќе го намалиме и загадувањето на воздухот од штетни издувни гасови.

Најавивте дека планирате да се воведат нови припејд картички за плаќање на паркинзите, почнувајќи од паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. До каде е реализацијата на овој проект, се изработи ли новото техничко решение и кога би започнало неговото спроведување на терен?

Што се однесува до најавата за можност за плаќање преку припејд картички би истакнал дека се работи за нова планирана услуга која побарува соодветна софтверско-техничка надградба на целиот систем како и административно -техничка подготовка и поддршка од страна на службите во ЈП „Градски паркинг“. Имено, од страна на провајдерот со којшто имаме активен договор за одржување на паркинг системите, во соработка со стручните служби во претпријатието се работи на овој проект, истиот е во напредна фаза, и се надеваме дека во октомври ќе биде ставен во функција како нов начин на плаќање.

Што се прави со автомобилите кои ги гледаме како старо железо на паркинзите и кои зафаќаат место за оние кои сакаат да се паркираат?

Хаварисаните автомобили се реалност на скопските паркинзи и овој проблем се провлекува подолго време. Со цел нивно отстранување, ЈП „Градски паркинг“  склучи договор за деловна соработка со повеќе скопски општини во кој детално се утврдуваат обврските на двете страни во однос на преместување на возила. Во таа насока, се истакнува и нововоспоставената соработка со комуналните инспектори од Градот и општините, по чијшто налог се отстрануваат хаварисани возила и возила паркирани на зелени површини. Правниот сектор во претпријатието работи и на иницијатива за формирање на работна група за изработка на Предлог-закон за отуѓување и уништување на хаварисани возила и возила кои повеќе години зафаќаат простор во „пајак“ депото на ЈП „Градски  паркинг“. Се надеваме дека за овој проблем ќе излезе во пресрет Собранието и Владата, во насока на изнаоѓање решение во најкраток временски период.

Неретко се злоупотребува местото наменето за инвалиди. Имате ли план како да го решите овој проблем? 

Точно е дека неретко се злоупотребуваат местата на јавните паркиралишта кои се наменети за паркирање на лица со попреченост. Со доаѓањето на новото раководство во претпријатието важи девизата за нулта толеранција за корисниците на јавните паркиралишта кои непрописно паркираат на местата обележани за лицата со попреченост. Контролорите на паркирањето доколку ги забележат во моментот на паркирање ваквите несовесни корисници им укажуваат да се паркираат и да ги ослободат ваквите паркинг места за лицата за кои се наменети, за истите да не бидат санкционирани преку издавање на доплатен билет во износ од 3.000 денари. Политиката на претпријатието налага зголемена контрола на јавните паркиралишта, со што, најпрво им се укажува на несовесните корисници да не ги злоупотребуваат ваквите паркинг места и да ги ослободат за корисниците за кои се наменети. Дека контролата во полза на лицата со попреченост е зголемена, говори и фактот дека во 2021 година се санкционирани 177 лица кои непрописно паркирале на паркинг место за лица со попреченост, додека, пак, со доаѓањето на новото раководство на почетокот на 2022 година, за само 8 месеци санкционирани се дури 234 лица.

Бидејќи се е поскапено, инфалцијата расте, дали се планира покачување на цените на услугите на „Градски паркинг“ и доколку да, за колку?

Светската енергетска криза и инфлаторните влијанија како светски тренд се одразуваат и врз работењето на претпријатието. ЈП „Градски паркинг“, но во последниов квартал од годинава претпријатието ќе остане на цените кои ги има, кои патем во месец март оваа година ги намаливме за 25% за паркирање од час. Сепак, со цел да се зголеми свеста кај корисниците на нашите услуги за редовно плаќање, ќе се предложи на наредната седница на Совет на Град Скопје, доплатниот билет со актуелна цена од 990 денари, да се зголеми на 1.200 денари. Исто така, со цел заштита на животната средина, односно зеленилото во градот, во план е да се зголеми и цената за отстранување на возилата од зелена површина со специјалното возило пајак од 3.500 на 3.900 денари, како и воведување на „казнена“ политика на затворените јавни паркиралишта и катните гаражи за несовесните корисници доколку паркираат на место за лица со попреченост (3.000 денари) и за неправилно и непрописно паркирање на затворените паркиралишта и катните гаражи во износ од 500 денари. Во однос на овие предлог мерки потенцирам дека тие во никој случај нема да бидат на штета на совесните граѓани кои од 1 март паркираат по намалени цени, туку се носат со единствена превентивна цел, а тоа е наплата на редовните услуги кои ги нуди ова јавно претпријатие и воспоставување ред на паркиралиштата.

Што е приоритет до крајот на годинава и што ново планирате за наредниот период? 

Постојано работиме на подобрување на услугите кои ги испорачуваме кон корисниците, а во исто време ги подобруваме и условите за вработените во претпријатието. Во тек се повеќе работни проекти од кои би издвоиле неколку. Имено, како новина и ексклузива која може да ја најавиме, а ќе се реализира до крај на септември е дека ќе се воведе плаќање на услуги на зонските паркиралишта со QR Code,  со што ќе се овозможи нов и модерен начин на плаќање на нашите услуги без испраќање на СМС-пораки и купување на греб-картички. Со оваа новина, покрај домашните корисници ќе се воведе и можност странските државјани на поедноставен начин да извршат плаќање на паркинг услугите.

Во катните гаражи веќе е променето осветлувањето, поставени се табли за поедноставна ориентација, во тек е молерисување, поправка на лифтовите, а во наредниов период ќе бидат поставени канти за отпадоци.

На паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ веќе е во функција третиот наплатен пункт, а со цел побрза наплата, покрај постојните два паркомата, во септември ќе бидат поставени дополнителни нови два паркомата.

Вработените во ЈП „Градски паркинг“, во наредниот период ќе бидат обезбедени со целосно нова работна ХТЗ опрема, со што ќе се зголеми нивната безбедност при работа во специфични работни околности. Наплатните пунктови на сите паркиралишта наскоро ќе бидат реновирани, енергетски ефикасни објекти кои ќе им пружат на вработените пријатен работен престој.

Анела Петрова