Паркинг за велосипеди за секоја нова градба во Општина Центар

27

За секоја новоградба ќе се поставуваат паркинзи за велосипеди, со цел поголема нивна употреба како превозно средство во општината, а напролет, Општина Центар  ќе воведе и одредени денови како „Денови без автомобили“ и ќе бидат изработени стандарди и процедури за развој на велосипедска инфраструктура општината.

Ова е договорот кој произлезе од средбата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, со претставници на иницијативата „На Точак“, на која беа разгледни барањата кои се однесуваат на унапредувањето на условите за велосипедски сообраќај во рамки на општината.

– Општина Центар посветено работи на развој на велосипедската мрежа во сите населби. Мојата заложба е поголема употреба на велосипедите поради тоа што носат бенефити на долг рок, како за општината, така и за личното здравје на граѓаните. Ние мора да ги менуваме навиките со тоа што почесто ќе го употребуваме велосипедот како превозно средство. Всушност, со почестото возење на велосипеди ќе го намалиме сообраќајниот метеж, кој е сериозен проблем, особено во Центар, и позитивно ќе влијаеме во зачувувањето на животната средина – изјави Герасимовски на средбата.

Тој смета дека сите локални самоуправи треба да имаат многу посериозен пристап при креирањето на проектите во општините. Токму затоа, Општина Центар силно инвестира во развој на велосипедска мрежа во сите населби.

Дел од барањата, кои до градоначалникот Герасимовски ги поднесе иницијативата „На Точак“, веќе се имплементираат и истите се однесуваат на слободни тротоари и квалитетен јавен простор, затворање на дел од улиците за сообраќај, особено во Дебар Маало, каде има премногу возила, при што тие ќе се отворат за пешачење и возење велосипеди.

Општина Центар и во следниот период со посилно темпо ќе продолжи да субвенционира велосипеди и велосипедска опрема и засилено ќе работи и на системот за изнајмување на велосипеди.