Парите од продадените слики за лекување на малата Симона Хаџи-Тошев

75

Педесет слики, уметнички дела на млади, уметнички надарени деца на возраст од шест до 12 години беа изложени синоќа во изложбениот салон на Домот на култура „Ацо Шопов“, во Штип.

Талентите се дел од ликовната школа која ја отвори познатата штипска уметничка галерија „Колорис АМ“, на уметникот Боре Минов, а кој заедно со Сара Петров, дипломиран ликовен уметник, работат со децата. Изложбата имаше хуманитарен карактер, средствата од продадените слики одат за лекување на четиригодишната Симона Хаџи-Тошев, која боледува од леукемија. Цената на сликите беше 700 и 900 денари.

– И понатаму „Колорис АМ“ ќе прави вакви манифестации кои ќе бидат од хуманитарен карактер, исклучително ни се допаѓа тоа што градот формира Солидарен фонд, па парите, мали или големи сеедно, ќе ги уплатуваме во него- вели Минов.

Тој забележува дека децата кои ја посетувале ликовната школа се исклучителни таленти, а тоа може да се види и од нивните дела.

– Школата ја посетуваат 12 деца. Имавме многу поголем притисок, но сакавме помали групи на кои јас и Сара Петров можеме повеќе и подобро да им се посветиме. Меѓу овие деца има и таленти кои ветуваат, а ако се посветат на ликовната уметност можеби еден убав ден ќе станат познати во светот на уметноста- истакна Минов.

Настанот го отвори хармоникашкото трио, кое го сочинуваат Тони Лазаров и Милан Коцев, професори во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ и нивниот ученик Бојан Наков.