Папата Франциск следната седмица во посета на Кипар и Грција

35

Кипар и Грција, од 2 до 6 декември ќе ги посети поглаварот на римокатоличката црква папата Франциск и ќе оствари средби со кипарскиот и грчкиот државен врв, јави дописничката на МИА од Атина.

Во четврток на 2 декември ќе пристигне на Кипар, по поканата упатена од претседателот Никос Анастасиадис и кипарскиот архиепископ, а посетата, што ќе биде втора на островот од Владата ја карактеризираат како „историски настан“.

Портпаролот на кипарската Влада Мариос Пелеканос, говорејќи за посетата и агендата разговори рече дека Анастасиадис ќе го информира папата за последните случувања во кипарското прашање, ќе дискутираат за регионалните теми, за пандемијата, но и за мигрантското прашање.

Според Пелеканос, ќе се разговара и за намерата на Светата столица и папата Франциск да преземат мигранти во Ватикан, што ќе биде чин што ја докажува солидарноста на Римокатоличката црква.

Миграцијата ќе биде една од темите и за време на посетата на Грција, со оглед на тоа што папата ќе одвои неколку часови за од Атина да отпатува на островот Лезбос и да ги посети бегалците сместени во прифатниот центар во Митилини.

Папата Франциск во Грција ќе пристигне од Кипар, следната сабота, ќе се сретне со претседателката, со премиерот, со поглаварот на ГПЦ, ќе разговара со млади, а за време на престојот во Атина, ќе одржи и света миса.

Во 2016 година, папата го посети грчкиот остров Лезбос.