Папата Франциск од Кипар ќе земе 50 мигранти

72

Кипар е географски, историски, културен и верски крстопат и благодарение на оваа позиција може да промовира мир. Нека биде отворена работилница за градење мир во Медитеранот, порача папата Франциск за време на свеченоста во Претседателската палата, по средбата со кипарскиот претседател Никос Анастасиадис, кој од своја страна, откри дека од Кипар за Италија ќе заминат 50 мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипарскиот претседател и поглаварот на римокатоличката црква, во нивните говори пред претставниците на дипломатскиот кор, на Владата и на граѓанското општество, се осврнаа на ситуацијата на Кипар, во Медитеранот, како и на мигрантското прашање.

Папата, истакна дека Кипар, претставува „бисер од голема цена во срцето на Медитеранот“, бисер кој сега е погоден од пандемијата, последиците од економската криза, но и дека е земја со најголем процент мигранти, меѓу земјите од Европската Унија.

 – Сепак, раната што најмногу ја боли оваа земја е страшната траума што ја претрпе во последните децении. Размислувам за внатрешната болка на оние кои не можат да се вратат во своите домови и места за богослужба. Се молам за вашиот мир, за мир на целиот остров и го посакувам тоа од сето мое срце. Патот до мирот, кој лекува конфликти и ја обновува убавината на братството, се карактеризира со еден збор: дијалог, порача папата.

Во неговиот говор истакна дека „на европскиот континент му треба помирување и единство, храброст и ентузијазам, ако сака да оди напред“.

Кипарскиот претседател рече дека и Република Кипар ја дели истата визија, земјата да стане силен столб на стабилност, безбедност, мирен соживот и просперитет во регионот.

Истакна дека Кипар е прва земја дестинација за мигранти, пропорци онално на населението и се соочува со преголеми тешкотии во управувањето со мигрантските бранови, но и со „преголеми тешкотии во однос на заштитата на демографскиот состав“.

-Затоа, сакаме да ја изразиме нашата благодарност како држава за иницијативата за префрлање на 50 имигранти од Кипар во Италија. Вашата симболична иницијатива, пред сè, е силна порака за потребата и неопходната ревизија на миграциската политика на ЕУ, така што од една страна да постои поправедна поделба и на управувањето со проблемот и од друга страна похумано живеење на мигрантите во земјите- членки, истакна Анастасиадис.

Детално се осврна и на турската инвазија и поделбата на островот, истакнувајќи дека остануваат единствена поделена земја во Европа и порача дека нивната визија е Кипар да биде „модел на држава со мирен соживот“.

Пред посетата на Претседателската палата, папата Франциск присуствуваше на литургија на католичката заедница во Катедралата Пресвета Богородица.

Во неговото обраќање повика на братство и обединетост, се осврна и на животот на Апостол Варнава, роден на Кипар, велејќи дека два збора ги опишуваат неговиот живот и мисија: трпение и братство.

Во 15 часот по локално време, папата Франциск пристигна на Кипар, на аеродромот беше пречекан од претседателката на кипарскиот Парламент Анита Димитриу, а поради безбедносните мерки присутни беа само 30 деца од католички училишта.

Утре наутро, папата ќе одржи света мисија на стадион во Никозија, а во попладневните часови ќе одржи молитва со мигранти.

Ова е втора посета на Кипар на поглавар на Римокатоличката црква, по посетата на папата Бенедикт Шеснаесетти во 2010 година.