„Палермо“ и натаму топ-тема: Владата го следи случајот

274

 

Случајот кој ја разбранува јавноста, е отворен пред антикорупционерите кои  истражуваат дали високите државни функционери постапиле согласно сите закони, правилници, дали е испочитувана уредбата за подароци. Но, истовремено ги повикуваат надлежните институции да проверат дали се прекршени етичките кодекси. Од Владата, за весникот ВЕЧЕР, информираат дека го следат случајот со министерот за правда и неговото присуство на фудбалскиот натпревар во Италија и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување

 

Ни министерот за правда Никола Тупанчески, ни претседателот на Општинскиот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, иако ветија, не доставија доказ во  јавноста дека присуството на натпреварот на македонската репрезентација против Италија во Палермо го платиле од своја сметка. Тоа го стори само вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи, која објави уплатница за аранжманот за Палермо, во која стои дека во ТА „Гуливер“ уплатила 23.910 денари, а за аранжманот за Порто – 17.085 денари. Датумот на двете уплатници е 28 март, односно неколку дена откако во јавноста се отвори прашањето за тоа на чиј трошок патувале актуелните функционери. Летот за Палермо беше на 22 март, а за Порто на 26 март.

– Уплатниците се според претходно издадени фактури и уплатите се извршени во даден временски период. За разлика од другите функционери кои патувале порано на вакви натпревари, а кои патуваа и за Палермо, јас доставив доказ. Ќе дадам дополнителни податоци доколку некоја од државните институции побара такво нешто. Во случајов, нема никакви прекршувања на закони, кодекси и слично, изјави обвинителката Фетаи за „А1он“

Случајот, кој ја разбранува јавноста, е  отворен пред антикорупционерите кои  истражуваат дали високите државни функционери постапиле во согласност со сите закони, правилници, дали е испочитувана уредбата за подароци. Но истовремено ги повикуваат надлежните институции да проверат дали се прекршени етичките кодекси.

– Во интерес на јавноста, ние ќе побараме од државните институции, како што се Владата, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет да се произнесат дали нивната постапка е етичка, односно дали ги прекршиле етичките кодекси на Владата, обвинителите и судиите. Тоа се институции кои имаат свои кодекси на однесување и одговорни лица кои се грижат за нивно спроведување. Дури и да е постапено согласно со законските одредби, со оглед на фактот дека станува збор за функционери кои треба да ја спроведуваат правдата, тоа треба да го покажат со личен пример, изјави директорката на ДКСК, Биљана Ивановска, за весникот ВЕЧЕР.

Од Владата, за весникот ВЕЧЕР, информираат дека го следат случајот со министерот за правда и неговото присуство на фудбалскиот натпревар во Италија и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување.

-Сите министри, замениците на министрите и другите носители на извршни функции именувани од Владата на Република Северна Македонија се должни да го почитуваат Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, чија цел е јакнење на интегритетот на Владата и јакнење на довербата на граѓаните во институциите, одговорија од Владата.

Инаку, Тупанчевски, Фетаи и Ивановски, не беа единствените функционери во авионот за чартер-летот на Фудбалската федерација на Македонија. Откако се објави фотографијата како од ложата за ВИП гости од стадионот во Палермо, каде што тројцата навиваат, беше објавено дека заедно со нив патувале и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, неговиот поранешен колега од Охрид, Никола Бакрачевски, кој е и член на Етичкиот одбор на ФФМ како и поранешниот премиер и екс-преговарач со Бугарија, Владо Бучковски, со двајцата синови. Тоа предизвика реакции во јавноста и веднаш беше побарано да се објави на чиј трошок беа таму.

Министерот Тупанчески за неколку медиуми изјави дека се работи за тривијално прашање и дека во Палермо бил на сопствен трошок, а дека за патувањето платиле од свој џеб одговорија и Фетаи и Нанев. Тројцата беа фотографирани на трибината во Палермо, а обвинителката и претседателот на кавадаречкиот суд ја бодреа Македонија и на „Драгао“ во историскиот меч против Португалија.

ФФМ објави дека авионот бил платен од Федерацијата, а билетите за ВИП-ложата на стадионот во Палермо биле гратис.

– ФФМ не избира критериум за летот, лицата си уплатија аранжман преку агенција. Билетите за натпреварот, пак, ги обезбеди ФФМ зошто ги добива гратис во својство на федерација. За кој било и да е поединец, ФФМ доколку е во можност, секогаш овозможува билети независно за кој натпревар станува збор. Во ситуација кога се бориме за пласман на светско првенство, тенденциозно правиме приказна од нешто што нема потреба. По натпреварот во вторник, ФФМ е отворено за секакви прашања, сега да се фокусираме на натпреварот со Португалија, изјавија од ФФМ. (Е.А.)