ОЈО бара притвор за осомничениот за убиство на Пинета Секондо

134

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донело Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за убиство на Пинета Секондо, кој од декември минатата година е пријавен за исчезнат. Јавниот обвинител побарал притвор против осомниченото лице.

Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило „опел аскона“ пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди Секондо веднаш починал.

По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во село Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерката притвор против осомничениот.​