Повеќе од четири часа траела операцијата на Бојан Јовановски-Боки 13, кој остана речиси без желудник. Тој беше опериран од тим на специјалисти, меѓу кои беше и хирургот од болницата „Св. Наум Охридски“, Стојанче Јованов, кој за „Макфакс“ посочува дека операцијата била премногу комплицирана и ризична.
„Отстранет е речиси целиот желудник. Многу мал дел од желудникот е оставен. Отстрането е сè друго заедно со дванаесетпрсното црево. Направена е ризична операција, пациентот сега е во ризична состојба, не во животозагрозувачка. Очекуваме да немаме компликации“, вели хирургот Јованов за „Макфакс“.
„Закрепнувањето не се знае колку ќе трае. Компликациите се тешки и смртоносни, во тоа е проблемот. Затоа бараме мир по вакви ситуации. Многу тешка и комплицирана операција“, додава тој.
Хирургот Јованов посочил дека ова е последица на несоодветното лекување што го имал Боки 13, а чиј правен тим постојано праќаше аларм дека ќе биде подложен на операција доколку не добие прекин на казната за здравствената состојба да му се третира во согласност со препораките.
Операцијата на Боки 13 се изврши утринава.