Градот Охрид наголемо се подготвува за одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите. Црвениот крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност. Оттаму апелираат до капачите, односно „скокачите по крстот да внимаваат, да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од 6.5 степени Целзиусови, потенцираат од Црвен крст.
Како што пренесува порталот Скопје1.мк, денес, од 19-23 чaсот, на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“, медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2019 (сабота), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
На денот на рибарите на 20-ти јануари, недела, тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.
Инаку, како што пишува Скопје1.мк, полски туристи кои престојуваат во Охрид деновиве, не одолеаја на убавото Охридско Езеро и вчера попладне се искапија во ладната езерска вода на градското пристаниште. Водата во Охридското Езеро според последните мерења е над 6 степени, а на воздухот околу 3-4 степени.