ОФИЦИЈАЛНО потврдено од МВР: Денис Тот бил претепан и убиен, двајца се приведени, еден е во бегство

575

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека починатиот хрватски ракометар Денис Тот кој почина вчера, бил претепан. Посочуваат дека се приведени две лица, а еден е во бегство.

– Во врска со случајот за починатиот Д.Т. (28) по обезбедените снимки и дополнителни мерки и активности од страна на СВР Скопје утврдени се следните факти. На ден 07.04.2022 година, околу 03:30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Р. Хрватска, со привремен престој во РСМ и лицата А.Ѓ. (28), К.Л.(19) и А.К.(22) сите од Скопје при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест. Од страна на Итна медицинска помош лицето било пренесено во Ургентен центар при Клиниките „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош со реанимација и бил ставен на апарати за дишење, во критична состојба, соопшти МВР.

Како што посочуваат од МВР, според лекарите повредениот имал престанок на работата на срцето и бил во животна опасност, а во текот на вчерашниот ден им подлегнал на повредите.

За настанот известен е дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје и по негова наредба телото на починатиот е предадено на обдукција.

Од МВР наведуваат дека воедно обезбедени се видео записи од безбедносни камери, Safe City и ноќниот клуб, а од страна на ЕУМНА при СВР Скопје подигнати се предмети од починатиот што ќе бидат предадени во ОКТИВ при МВР за вештачење.

Посочуваат дека во текот на вчерашниот ден, во просториите на ЕНК при ЕВР Скопје во присуство на бранителот, извршен е службен разговор со повеќе лица меѓу кои и двајца од осомничените.

– Постапувајќи по Наредба издадена од Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на ден 08.04.2022 година, извршен е претрес во домот на лицето А.Ѓ. кој е недостапен на органите на прогонот и со потврда за привремено одземени предмети одземени се предмети што ќе бидат доставени на вештачење во ОКТИВ при МВР. По лицето А.Ѓ. (28) од Скопје е распишан централен распис. Од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје е доставен соодветен поднесок, соопшти МВР.