Од силниот ветер откорнати и искинати фолии и оштетени градинарски култури

Силниот ветер, кој го зафати Скопскиот регион, направи многу штети. Поради штетите на оранжериите и пластениците кој се искинати и откорнати, оштетени се голем дел од раноградинарските култури кои биле засадени во нив. Според агрометеоролозите, среќана околност е што температурите се високи и нема оштетување од мраз туку само физички оштетувања

174

Невремето што го зафати скопскиот регион уништи многу пластеници и оранжерии. Земјоделците велат дека ветерот кој дуваше со брзина од над 70 километри на час буквално им ги откорнал пластениците и уништил многу од раноградинарските култури. Сепак агрометоролозите велат дека оваа бура е моментална и оти времето ќе се стабилизира и во наредните период не се очекуваат вакви временски изненадувања.

-Состојбата на терен е лоша. Невремето кое го зафати Скопскиот регион направи многу штети. Југозападниот ветер, кој дуваше со брзина од над 70 километри на час, уништи многу пластеници, оранжерии, откорна многу дрва, а направи штети и на многу монтажни објекти. Поради штетите на оранжериите и пластениците, кои се искинати и откорнати, оштетени се голем дел од раноградинарските култури кои биле засадени во нив, вели агрометеорологот Ангелко Ангеловски.

Според него, среќана околност е што температурите се високи и нема оштетување од мраз туку само физички оштетувања од ветерот. Тој додава дека бурата е моментална и оти во наредните денови времето ќе се стабилизира и не се очекуваат вакви временски изненадувања.

-Едно големо дрво ми падна на фолијата и го искина најлонот. Во неа имав насадено спанаќ, марули, и расад за пипер и домат. Сега сè е згмечено и не може ништо да се спаси. Таква е нашата земјоделска работа еден ветер и ќе ти го уништи целиот род, а и фолијата да се направи треба пари, вели земјоделецот Трајче од скопското село Трубарево.

Тој додава дека оштетени се голем дел и од околните оранжерии, а некој од нив целосно се откорнати од ветерот.

-Имав неколку овошки кои цели се уништени, а на отворено имав засадено кромид, лук и салата кој исто така се оштетени од паднатите гранки од околните дрва. Дрвцата ќе се закрепнат, но раноградинарските култури не верувам, вели земјоделецот Ацо и додава дека затоа раноградинарските земјоделски култури имаат висока цена, бидејќи во нив многу се вложува за да опстанат.

Агрометеоролозите ја смируваат ситуацијата и велат дека времето ќе се стабилизира и оти не се очекуваат поголеми временски промени и силен ветер кој може да направи големи оштетувања на земјоделските култури.

(А.С.)