Откако е ставен на светската туристичка мапа, Охрид ја живее најслабата сезона

И во екот на туристичката сезона во Охрид сместување може да се најде речиси секаде, бидејќи странските гости годинава ги нема. Иако градот навидум изгледа полн, издавачите на апартмани велат дека досега не се случило за Илинден да имаат празни соби, бидејќи од 20 јуни до 20 август сè е однапред закупено. Состојбата е слична и во одморалиштата каде што капацитетите се исполнети само 20 отсто и покрај тоа што хигиената е на многу повисоко ниво од претходните години

50

Во Охрид туристичките капацитети се полупразни. И во екот на туристичката сезона сместување може да се најде речиси секаде, а странските гости годинава ги нема. Иако градот навидум изгледа полн, издавачите на апартмани велат дека досега не се случило за Илинден да имаат празни соби, бидејќи од 20 јуни до 20 август се е однапред закупено. Состојбата е слична и во одморалиштата каде капацитетите се исполнети само 20 отсто и покрај тоа што хигиената е на многу повисоко ниво од претходните години. И угостителите кој годинава ги намалија цените за да привлечат повеќе гости велат дека кризата си го направи своето и оти луѓето седнуваат само на кафе, но не и да ручаат.

Ахмед Мексуд, управител на одморалиштето „Партизан“ во Охрид, за весникот ВЕЧЕР вели дека годинава одморалиштето е празно за разлика од претходните години кога во овој период од годината не можеше да се најде слободно место.

-Моментално исполнетоста на капацитетот на одморалиштето е 20 отсто и покрај тоа што ги имаме преземени сите мерки за заштита од ковид-19. Ознаки за заштита се поставени на влезот на одморалиштето, на плажата, на рецепција и кај тоалетите. Уште при доаѓање на гостите им укажуваме да не се собираат во поголеми групи од 5 лица и да ги почитуваат мерките за заштита. Немаме најави дека во август ќе имаме повеќе гости, а годинава за прв пат од постоењето на одморалиштето од 1955 година кујната и ресторанот не работат. Нема организирани тури, а нема ниту натпреварите во гимнастика за време на кој во одморалиштето имаше од 150 до 160 деца од сите градови во државата, вели Мексуд.

Инаку цените во одморалиштето не се променети и изнесуваат од 720 денари за приколка, 900 денари за бунгалови без тоалет и 1.200 денари за бунгалови со тоалет.

И вилите и куќите кој изнајмуваат апартмани се жалат дека годинава сезоната е многу слаба. Исполнетоста на капацитетите е многу мала, а странските гости речиси и да ги нема.

-Од 20 јуни до 20 август секоја година капацитети ни се исполнети, но годинава тоа не е случај. Исполнетоста на капацитети од домашни гости е намалена за 60 до 70 отсто, а од странски за 97 отсто кој речиси и да ги нема. Ние претежно работиме со странски гости па затоа пандемијата многу се одрази на нашето работење. Холандските туристи ги откажаа сите аранжмани во август и затоа не очекуваме повеќе гости од оние кој ги имавме во јули, изјави за весникот ВЕЧЕР Бошко Дамовски, сопственик на вила „Антигона“ во Охрид.

Тој додава дека пандемијата го прекинала позитивниот тренд на странски туристи кој во последниве години беа чести гости во Охрид.

-Охрид е ставен на светската туристичка мапа и во последните години имавме сè повеќе странски гости. Меѓутоа, локалните власти треба да се потрудат повеќе и да понудат различни програми за посета на културно-историски споменици, знаменитости, културни настани итн. за да може градот да живее цела година а не само неколку месеци, додава Дамовски.

Според него мора да има и поголем контрола од страна на државата на сопствениците на вили и куќи кој издаваат на диво и кој не плаќаат ниту туристичка такса, ниту данок. Поради нив губи и државата и ние кои сме ставени во незавидна положба, бидејќи ни ги спуштаат цените.

Мерките за заштита се почитуваат секаде и многу се внимава на хигиената, особено во приватните сместувачки капацитет каде уште не влезот се ставени ознаки и средства за дезинфекција.

(А.С.)