Отворен клуб на лекувани алкохоличари во Куманово

32

Во Куманово почна да функционира група на лекувани зависници од алкохол кои ќе добиваат стручна поддршка и помош за нивна понатамошна ресоцијализација. Клубот го отвори Здружението на клубови на лекувани алкохоличари на државата. Првата група од десетина лица веќе почнува со работа, а надлежните информираат дека доколку се јави потреба ќе се формираат повеќе групи.

– Сите кои сметаат дека имаат потреба можат да дојдат, особено оние кои се апстиненти. Ќе работиме за почеток една група секоја среда во просториите на кумановскиот Црвен крст од 18 часот – изјави Сања Јовановска, психолог и семеен системски советник.

Во Куманово и претходно функционирал ваков клуб, но потоа згаснал. Во психијатриска болница во Скопје, најголем процент од пациентите се мажи, главно од 40 до 60-годишна возраст.

– Идејата за отворање на клубот потекна од Психијатриската болница од Скопје, со оглед на фактот што две третини од пациентите на тоа одделение се од Куманово. Имаме пациенти со семејно насилство со изречена мерка задолжително лекување и иако не е далеку болницата, полесно е да се лекуваат тука – вели докторот Павлина Васкова од Психијатриска болница од Скопје.

Ефектите од лекувањето, појаснува доктор Вакова, покажуваат дека 80 до 85 проценти од оние кои редовно ги посетуваат состаноците заедно со членовите на семејството успешно апстинираат над една година, што се проценува за добар успех.

На ниво на државата, според проценките на лекарите, има од 60 до 80 илјади зависници од алкохол што е на европско ниво, каде што од 5 до 15 отсто од машката популација се алкохоличари.