Отворен Дом на културата во село Драчево каде во современи услови ќе се следат филмови и театарски претстави

450

Село Драчево гo доби реновираниот Дом на културата каде во современи услови, на двата ката ќе можат да се следат филмови и театарски претстави, да се прават промоции на книги и изложби на уметнички дела, да се организираат и следат културни манифестации, организација на саем на книгата и слично.

– Тоа е место кое е длабоко врежано во сеќавањата на драчевци, но и на скопјани. Се сеќавам и јас на киното Драчево. Ја поздравувам оваа иницијатива која стана реалност. Сите вие заедно покажувате дека кога се сака и умее може да се направи. Ова ќе биде место каде сите драчевци, но и скопјани ќе доаѓаат и ќе уживаат во уметноста. Убедена сум дека овој објект ќе стане центар во овој дел на градот – истакна министерката за култура, Ирена Стефоска.

Покрај овие големи придобивки за граѓаните, во Домот на културата (поранешно старо кино) ќе биде сместена подрачна канцеларија на Управата за водење на матични книги, ќе се вадат изводи и државјанства, а ќе се склучуваат и бракови.

– Во овој простор ќе се развива културата во село Драчево, но и во околните населби –Драчево, Зелениково, Студеничани. Сите ќе имаме можност да го посетуваме овој капитален објект. Во објектот во иднина ќе има и радосни настани преку Матичната служба – истакна градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски.

Во објектот обезбеден е и простор за најстарото културно уметничко друштво „Китка“ од Драчево, а во него се наоѓа и канцеларијата на месната заедница од селото Драчево, која за потребите на граѓаните, од следната седмица, поточно од понеделник ќе биде во функција.

– Ова е можност младите да се тргнат од нивните мобилни телефони и екраните на компјутери, да дојдат на ова место каде што ќе можат културно да се едуцираат и образуваат. Ваквите проекти помагаат граѓаните да имаат квалитетни услови за живот и можност да отвораат и нови бизниси – истакна директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.

Вкупната површина на објектот е 1.185 квадратни метри и истиот има 171 седиште. Приземјето е на 735 квадратни метри, додека првиот кат е на површина од 450 квадрати. Изградбата на Домот на културата, Општина Кисела Вода ја чинеше 39.923.725 денари. Дел од средствата беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

(С.Бл.)