Во рамките на основното училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец денеска беше пуштен во употреба Дневeн центар за лица со церебрална парализа. Станува збор за прво инклузивно училиште кое има простор за децата со церебрална парализа и во него 30 до 40 деца ќе имаат можност да добијат третмани од специјални едукатори, логопеди, психолози и физиотерапевти и со тоа да ја подобрат својата функционалност, но и да дружат со другите деца од училиштето „Киро Глигоров“.
– Центарот го обезбедивме заедно со Министерството за труд и социјална политика. Зафаќа површина од 305 квадратни метри и е опремен со сите дополнителни елементи потребни за секојдневно функционирање на Дневниот центар – информираше градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Општина Центар за изградба на објектот издвои 5,4 милиони денари, додека МТСП за набавка на опрема и справи за физикална терапија, душеци, ленти за трчање, справи за вежбање, кревет за масажа, абс топки и други останати реквизити обезбеди 441.372 денари.
Заменик министерката за труд и социјална политика, Санела Шкријељ истакна дека грижата за општеството е грижа за сите луѓе подеднакво.
– Со формирањето на овој Дневен центар излеговме во пресрет на децата со церебрална парализа. Во овој Центар тие ќе ја добијат потребната поддршка во согласност секој со своите потреби, а тоа ќе се овозможи со дополнителните дидактички содржини – изјави Шкријељ.
Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска ја нагласи потребата од развивање на услуги на локално ниво.
– Кога отвораме услуги, отвораме и работни места. Овозможуваме вработување на повеќе жени, бидејќи според традиционалните сфаќања жената е таа што треба да се грижи за лицата со посебни потребни, за децата – истакна Царовска.
Центарот ќе профункционира за две недели. Во наредниот период заради унапредување на содржините за игра за децата ќе се издвојат средства и за набавка и монтажа на детско инклузивно игралиште во дворот на училиштето.
Инаку, Дневниот центар за лица со церебрална парализа постоеше во бараки на просторот каде е сега изградено основното училиште „Киро Глигоров“, поради што времено функционираше во ОУ „11 Октомври“, исто така на територијата на општина Центар, за сега да се се изнајде трајно решение со простории во новото училиште, каде има посебен влез и ги има сите потребни услови за престој на оваа категорија на лица.
(А.П.)