Со донација на Турската агенција за соработка и координација, ТИКА, денеска беше отворена комплетно опремена сензорна соба во ООУ „Киро Глигоров“.
Станува збор за донација на сензорна туба (со меурчиња) која менува бои, сензорни влакна, проектор со диск, сензорна светлечка маса, светлечки листови и бројки, базен со топчиња, лулашка, темен шатор, трамполина, светлечки ЛЕД ципли, тактилен полигон за балансирање кои ќе го подобрат совладувањето на наставните содржини.
Сензорната соба е наменета за околу 20-ина ученици кои учат во училиштето и истата ќе биде во функција додека се изведува воспитно-образовната настава.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во присуство на координаторот на ТИКА во Скопје Мехмет Бајрак и помошник претседателот на ТИКА, Махмут Чевик истакнаа дека сензорните соби се од исклучителна важност за децата со аутистичен спектар на нарушено здравје.
– Инвестирањето во раниот детски развој е од исклучително значење за нашите деца. Вклучувањето на овие ученици во редовната настава е дел од образовната стратегија и сензорната соба што од денес ќе им биде достапна на децата од ова училиште е само уште еден мал чекор кон исполнувањето на главната цел, а тоа е нивна целосна инклузија. Предноста на оваа соба е тоа што можат да ја користат деца кои немаат вербална комуникација, но исто така се користи и во ситуации за намалување на вознемиреност, развојни тешкотии и сл. Верувам дека оваа сензорна соба ќе придонесе за полесно совладување на наставниот материјал, ќе донесе поголема мотивација децата да учат и да истражуваат, но и да го намалат стресот и да ја зголемат концентрацијата – изјави градоначалникот Герасимовски.
Помошник претседателот ма ТИКА, Махмут Чевик. изрази уверување дека сите тие материјали и опрема којашто е сместена во сензорната соба, ќе дадат најголем придонес најнапред за учениците, за наставниот и целиот друг кадар во училиштето.
– Со оваа наша заедничка соработка ќе дадеме најголем придонес во развој на моториката на тие дечиња и во зголемување на нивната концентрација околу наставните програми – истакна Чевик.
Во моментов, во општина Центар функционираат сензорните соби во основните училишта: „Гоце Делчев“, „Ј.Х. Песталоци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Кирил и Методиј“, а од вчера и сензорната соба во ОУ „Киро Глигоров“.