Отворена нова градинка ,,Пеперутка 3” во Драчево

42

Во Драчево денеска е отворена новата детската градинка „Пеперутка 3“ во која ќе бидат згрижени над 100 дечиња, пред сѐ од овој дел на општина Кисела Вода. Во моментов, на листите на чекање во трите објекти во Драчево има околу 30 деца.

Објектот беше отворен во присуство на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

-Ние сме свесни дека раниот детски развој е многу важен и како локална самоуправа се грижиме да ги обезбедиме сите услови за правилен понатамошен развој на секое дете. Инвестираме во унапредувањето на условите во постоечките градинки, но со засилено темпо работиме и на зголемувањето на опфатот на деца во процесот на предучилишно воспитание и образование – соопштија од општина Кисела Вода.

Покрај ставањето во функција на оваа градинка која беше изградена пред речиси две години, но дури сега беа надминати администативните бариери за нејзино отворање, локалната самоуправа интензивно работи и на изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на постојните објекти.

-Во финална фаза е подготовка на објектот во кој ќе биде отворена првата градинка во Усје, каде ќе бидат згрижени околу 100 дечиња од населбите Усје, Стаклара и Градинар. Се работи и на проширување на капацитетот и на градинката ,,Ѓурѓица” во Пинтија. Веќе е започнато реновирањето и на објектот ,,Кокиче”, каде ќе може да примиме нови 150 дечиња, а ќе потсетам дека веќе го проширивме капацитетот и на објектот ,,Синоличка” од ЈДГ ,,Весели Цветови”- вели градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додава дека има подготвено и проект за целосно нова градинка во Расадник, а  во моментов се работи на финансиската конструкција, односно на начинот на финансирање за нејзината иградба.