Отворена линија за производство на сок од калинки

82

Учениците и професорите од валандовското средно училиште „Гоце Делчев“ од оваа учебна година почнаа со најавеното производство на сок од калинки, кое ќе стане редовно работно ангажирање и во наредните години.

– За постигнување на замислената цел, со сопствени средства купивме производна линија што ни овозможува машинско цедење, полнење во шишиња и пастеризирање на сокот, за да стигнеме до финалниот производ- велат од училиштето.

Процесот на производство на сокот од калинки се одвива под надзор, упатства и инструкции од професорите по стручни земјоделски предмети Наќо Кимов и Златко Јанчев, кои перманентно учествуваат и во производниот процес.

Од училиштето не очекуваат проблеми за пласман на сокот, од причина, како што велат, бидејќи калинката е симбол на здравјето, плодноста и вечниот живот и затоа што една чашка сок од калинка може да го намали ризикот од кардиоваскуларни болести.