Остин: Магнитудата на насобраните руски сили околу Украина говори дека тоа не се воени маневри 

44

Руската воена акумулација околу Украина е нешто што досега се нема случено уште од „деновите на Студената војна“ и Русија таму има доволно војска и опрема да ја окупира целата земја, изјавија денеска високи службеници на Пентагон. 

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, на брифингот за новинарите министерот за одбрана Лојд Остин ја опиша напнатата подготвеност на руските комбинирани воени формации, артилерија и ракети насобрани на украинската граница што според него „ги надминуваат сите бројки набљудувани на воените маневри“. 

– Мислам дека треба да се вратите далеку наназад, во деновите на Студената војна, за да видите нешто со таква магнитуда, изјави Марк Милиј, шеф на генералниот штаб на американските сили. 

Двајцата говорници опишаа сива слика за ситуацијата, посочувајќи дека толку голема воена сила може да ја окупира цела Украина мошне брзо. Претставници на Министерството за одбрана на САД во приватни разговори предупредиле дека руска инвазија би предизвикала конфликт меѓу Москва и Западот што би можел брзо да ескалира, јави Њујорк тајмс. 

Остин не одрече дека американска војска може да биде пратена во Украина, но само како помош во евакуација на американски граѓани, слично на повлекувањето од Авганистан. Официјални претставници сметаат дека во земјата се наоѓаат 35.000 Американци, од кои 7.000 се регистрирани во амбасадата на САД во Киев. 

Стејт департментот минатата недела препорача Американците да ја напуштат земјата и започна со празнење на амбасадата.  

САД во Европа можат да испратат 8.500 војници кои ќе се придружат на тимот на НАТО за брза реакција составен од 30.000 до 40.000 војници.  

Претседателот Џо Бајден стави до знаење дека нема да испраќа американски војници во Украина, но дека дополнителни трупи можат да бидат испратени кај сојузниците во Источна Европа, како Романија и Бугарија, кои се загрижени од руската агресија. 

Украина не е членка на НАТО и САД, и Алијансата не е должна да ја брани. Но, источното крило на НАТО, составено од поранешни советски републики од Балтикот, е загрижено дека следни на списокот за напад се тие земји.