Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој воедно е и портпарол на ДУИ, на социјалните мрежи објави дека ДУИ е подготвена да ја напушти владата до избори, доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поддржи уставните измени.

„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, стои во објавата на Османи.

Ова е реакција од најголемата албанска партија на пораката на лидерот на најголемата опозициска партија Мицкоски кој, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, рече дека ВМРО-ДПМНЕ би влегла во широка Влада, во која нема да ја има ДУИ.