Османи во Атина – односите меѓу двете земји се во нов, продуктивен период

12

Напредокот на билатералните односи по Договорот од Преспа, ситуацијата во регионот и европската перспектива на Северна Македонија, биле темите за кои разговарале, претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, пренесе МИА.

Како што соопштија од кабинетот на Сакеларопулу, грчката претседателка рекла дека односите меѓу двете земји се во нов продуктивен период, нешто што се потврдува и со редовните контакти на високот ниво и истакнала дека Грција очекува уште поблиска соработка меѓу двете земји.

-Претседателката на државата увери дека нашата земја останува стабилен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија, секако секогаш со главен критериум поставените услови и почитување на принципите на добрососедство. Потенцираше дека целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа е клучно, како за интегративниот процес на Северна Македонија во Европската Унија, така и за нашите билатерални односи, соопштија од кабинетот на Сакеларопулу по средбата со Османи.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, ја информирал грчката претседателка за имплементацијата на Договорот од Преспа и за можностите за соработка меѓу двете земји и ѝ се заблагодарил на Грција за поддршката на европскиот пат на нашата земја.

Од претседателската палата, Османи замина за грчкото МНР, каде што е во тек средбата со министерот за надворешни работи на Грција.

Дендиас и Османи, како што соопшти МНР, ќе разговараат за теми поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог во различни области, како и Акцискиот план за соработка и имплементацијата на Договорот за стратешко партнерство (Преспа).

Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека фокусот на разговорите ќе биде на прашањата поврзани со билатералните политички и економски односи, вклучително и соработката за справување со последиците од пандемијата, како и теми од регионален интерес со акцентот на европската перспектива на Западен Балкан.

Шефовите на дипломатиите на двете земји, како што веќе објави МИА, по средбата ќе потпишат и три меморандуми за соработка: едниот ќе биде за цивилна заштита, другиот за соработка на дипломатските академии и третиот меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“.

По потпишувањето, на меморандумите ќе следи и прес конференција во грчкото МНР на шефовите на двете дипломатии.

Османи ќе се сретне и со алтернативниот шеф на грчката дипломатија, додека пак еднодневната работна посета на Атина ќе ја заврши со средба со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис.