Со света архијерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид денеска беше припоена Православната охридска архиепископија (ПОА) со Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Литургијата се одржа по повод годишнината од врачувањето на актот на Соборот на Српската православна црква од страна на српскиот патријарх Порфириј на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, со кој СПЦ одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, со што му се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви. Со литургијата чиноначалствуваа поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ, г.г. Стефан и г.г. Порфириј, придружувани од неколкумина епископи од двете цркви.

Добре дојдовте во светиот Охрид, во оваа наша света црква „Света Софија“, покрај ова прекрасно бело Охридско Езеро. Сега, откако сме препознаени како членови на едната апостолска црква, пред нас е уште една поголема обврска и должност. Дај Боже да продолжи да се зголемува нашата радост поради единството со помесните цркви, нагласи во својот говор поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, по заедничката литургија.

– Откако на 9 мај, најнапред како Црква и како народ, од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј бевме примени во литургиско единство и откако во Белград и во Скопје сослужувавме со Неговата светост, патријархот српски Порфириј, конечно, на денешен ден лани ни беше врачен томос со кој ни се признава автокефален статус. Сега сме овде во светиот Охрид, поточно во црквата „Света Софија“, пак сите заедно, една година подоцна. Сега сме повторно горди и исполнети со радост, а заедно со нас се радуваат сите црквољупци и светители. Вие, Ваша светост, сте најзаслужниот за сето ова што се случи, па затоа, на овој ден и на ова место, Ви благодариме во името на македонскиот народ. Ова е историја и голем празник кој ќе трае долго време. Покажавме дека нашиот однос со Бога е толку длабок и дека ништо не може да го наруши. Минатото лето силно веруваме дека се удостоивме да се прославиме според зборовите на Апостолот. Сега, откако сме препознаени како членови на едната апостолска црква, пред нас е уште една поголема обврска и должност. Господ го слушна гласот на нашите молитви. Дај Боже да продолжи да се зголемува нашата радост поради единството со помесните цркви – истакна г.г. Стефан.

Архиепископот Стефан му додели на српскиот патријарх Орден на свети Кимент Охридски од прв ред.

– Се доделува орден за покажаната љубов кон МПЦ-ОА и кон македонскиот народ, просведочена поради доделувањето томос за автокефалност на МПЦ-ОА. Достоен! Достоен! Достоен! Ваша светост, ова е наш скромен подарок за Вас – му порача г.г. Стефан на српскиот патријарх.

Изразувајќи благодарност за добиеното одличје, поглаварот на СПЦ, Порфириј, по отслужената литургија кажа дека е исполнет со радост што денеска е во Охрид, во преубавиот храм „Света Софија“, напоменувајќи дека српски патријарх служел во овој храм и пред 100 години.

– Кога ни се отворени очите и кога имаме смирение во душата, Господ дејствува во нас и околу нас. А, кога ќе се појави себичност во нашето срце, колку и да се обидуваме, колку и да живееме во подвиг, тоа не дејствува. Или, во најмала рака, неговото дејство не може да се почувствува. Денеска е роденден на православната црква. А, не постојат повеќе цркви, туку постои само една апостолска православна црква, со Исус Христос на чело. Во секоја црква во која се служи литургија, присутен е Христос и затоа црквата е над сите поделби и граници. Тоа не значи дека не постојат поединечни дарби и таленти, секој народ си има свој печат, но тој печат треба да се доживее како дар од Бога – рече Порфириј.

Тоа, нагласи, важи за секој нас поединчено, но и како заедница.

– Затоа и поводот за денешното славење е настанот од пред една година, во кој нашата смиреност, кога учествуваме како последни слуги, а, всушност, благодарение на Вашата смиреност, верба и молитва, тој дар стана реалност за сите нас и, секако, соработката со Вашите браќа архијереи уште како е важна, а важни се и верата, и љубовта и молитвата сега веќе на назначениот митрополит Јован и епископите што се заедно со него – додаде Порфириј.

По завршувањето на говорот, тој го повика македонскиот поглавар, г.г. Стефан, и му подари златен жезол.

– Знам дека веќе имате жезол, но јас би сакал да ви подарам уште еден – му рече патријархот Порфириј на архиепископот г.г. Стефан.

Во однос на прашањето за припојувањето на ПОА со МПЦ ОА, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, соопшти дека треба да има седница на Синодот на 20 јуни.

– Ќе има синодска седница, и официјално ќе го објавиме тоа. Има одлука, ама не е верификувана. Со службата се потврдува припојувањето, но треба официјално да се потврди на седница во полн состав на Светиот архијерејски синод, која ќе се случи на 20. овој месец – рече Тимотеј.

На заседанието на Светиот архијерејски синод на СПЦ во мај минатата година беше донесена едногласна одлука за прифаќање на автокефалноста на МПЦ, со што му се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

(И.С.)