Традиционалниот генерациски концерт на КУД „Мирче Ацев“, 73. по ред, ќе ја претстави програмата „која за прв пат се изведува во Македонија“. Како што ќе каже самиот уметнички директор на АКУД „Мирче Ацев“ – Скопје, Благоја Јованоски, ќе настапат различни генерации од ова друштво, од шест и пол до 65 години. Фолклорниот ансамбл ќе изведе кореографии, сплетови на ора што во Македонија и во светот ги има само ова друштво. Хорот, пак, ќе изведе и адаптирани хорски композиции од АББА и од „Квин“

Над двесте игроорци, музичари и хористи од Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“, утревечер, во Националната опера и балет (20 часот), ќе бидат дел од традиционалниот генерациски концерт, 73. по ред, и тоа со програма „која за прв пат се изведува во Македонија“. Како што ќе каже самиот уметнички директор на АКУД „Мирче Ацев“ – Скопје, Благоја Јованоски, ќе настапат различни генерации од ова друштво, од шест и пол до 65 години. Формирано во текот на 1949 година, со одлука на Универзитетскиот одбор на Студентската младина на Македонија, Друштвото започнало да ги реализира своите активности преку академскиот хор, фолклорниот ансамбл, оркестарот, како и преку детското фолклорно студио, кои функционираат со несмален интензитет до денес. Ова е најстарото македонско друштво што стапнало на австралиска почва или, како што пишува во архивите од нивниот настап, „го посеало семето на македонскиот фолклор во Австралија“. Нивните настапи во Канада, Америка, Европа и на Балканот секогаш се оценети со највисока оценка.

„Во рамките на репертоарот, фолклорниот ансамбл (ветерани) ќе се претстави со ‘Тешкото’ – машка игра, со женската игра ‘Лазаренки’, со сплет игри од Егејска Македонија, со ромски игри… Тие се во наша кореографија и сопственост и само ние ги имаме во Македонија и во светот. Потоа ќе настапи детското студио, најмладите од шест и пол години до шесто-седмо одделение. Ќе настапи и академскиот хор, кој ќе се претстави со програма што во Македонија за првпат се изведува. Имаме направено адаптација на хорските композиции од АББА од Шведска, и само 16 земји во светот ги имаат поставено на сцена, меѓу кои и ние. Хорот ќе се претстави и со две композиции од групата ‘Квин’. Дел од програмата (средна генерација) е и сплетот игри од Србија, кои ги обновивме и на крајот ќе настапиме со сплет игри што ги имаме наречено ‘Малеш’. Се работи за игри од повеќе краеви од Македонија. Во овој дел е вметната и ‘Копачката’ од Драмче, Делчевско“, ни открива Јованоски.

Ова е завршен, традиционален годишен концерт на Друштвото „Мирче Ацев“, кое работи во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” – со голема посветеност, а токму за посветеноста, која трае над седум децении, зборуваат и неговите настапи низ светот. КУД „Мирче Ацев“ има настапено и на Универзијадата 83 во градот Едмонтон, во Канада, пред 120 000 посетители, каде што тогашната британска кралска двојка, принцот Чарлс и принцезата Дајана, била покровител.

„Имаме настапувано секаде во светот – Австралија, Канада Америка… КУД ‘Мирче Ацев’ настапи и во Бон, пред целиот дипломатски хор во Германија… освоивме многу први награди во светот. Од претседателот Тито имаме добиено орден со сребрени зраци, 13-ноемвриската, 11-октомвриската награда… Работевме и во време на короната. Имавме прекин од неколку месеци, но потоа почнавме со пробите на отворена сцена и ги направивме сите ангажмани иако беа со намален интензитет. АКУД ‘Мирче Ацев’ има во сопственост повеќе од 470 оригинални носии, народни инструменти, шестчасовна програма со кореографии на ора и песни, четири снимени цедеа, две видеокасети, албуми…“, посочува Јованоски.

Но, го прашавме и за најгорливиот проблем со кој се соочуваат денес сите културно- уметнички друштва, за подмладокот и за поддршката од државата.

„За жал, бројот на помлади членови се намалува, сега имаме шеесетина нови членови, а сме имале и 160. Интересот опаѓа бидејќи државата помалку ги финансира активностите на културно-уметничките друштва. Најголем проблем е што државата малку одвојува за оваа дејност, а ние секогаш сме биле бренд во светот, секаде сме освојувале награди и сме ги претставувале македонскиот фолклор и државата. Но сега, ‘паѓаме’ во носиите, не можеме да ги платиме врвните инструменталисти, кои се неопходни, а репертоарот на македонскиот фолклор не може секој да го свири. Ист е случајот и со диригентите… Во моментот, со хорот на КУД ‘Мирче Ацев’ работи Јасмина Ѓорговска, која е професионално вработена како диригент во Операта“, вели Јованоски.

Но, ова друштво во кое членовите и понатаму настапуваат со голем елан и се радуваат на секој следен настап, годинава одржа над 60 концерти, меѓу кои целовечерниот во Скопје по повод Денот на здравјето – 7 Април, по повод 24 Мај – прославата на Универзитетот за „Свети Кирил и Методиј“, потоа целовечерниот на школката во Паркот, но и во Свети Николе, во Делчево… Нивните концерти беа испратени со долги аплаузи во повеќе градови во Турција, во Словачка, Србија…

Во план за наредната година е и настап со хорскиот ансамбл на хорскиот фестивал во Чанак кале и во Измир, Турција, во Словенија на престижниот фестивал „Порто“ во Португалија, во Нови Сад, во Крањ…

„Во Скопје го организираме и хорскиот фестивал посветен на познатиот македонски  композитор и диригент Драган Шуплевски, во чест на 90 години од негово раѓање. Детскиот ансамбл ќе учествува во Тиват, Црна Гора, како и во Полска, а имаме понуди и за повеќе градови во Македонија – за Штип, Кочани, Виница, Прилеп… како и концерти во Скопје“, додава Јовановски.

Интересен факт за ова друштво, како што веќе пишуваше весникот ВЕЧЕР, е и што се во тек подготовки за големиот бал. Според Јованоски, станува збор за „Бал на паровите”, односно на балот ќе учествуваат 78 брачни двојки што биле дел од Академското друштво, на некои од ансамблите. Балот треба да се одржи во 2024 година.  (Д.Т.)