Општина Центар го повтори јавниот повик за ангажирање лични асистенти

115

Општина Центар го повтори јавниот повик за ангажирање лични асистенти во рамките на проектот „Образование за сите“ заради недоволно пријавени кандидати, а поголем број на пријавени ученици со посебни образовни потреби, кои имаат потреба од помош и придружба во текот на наставата во учебната 2023/2024 година.

Кандидатите треба да имаат минимум завршено средно образование, претходно искуство во работа со деца со посебни образовни потреби, долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над пет години), млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, самохрани родители, родители на деца со попреченост.

Предност ќе имаат кандидатите што имаат завршено високо образование: дипломиран наставник по предметна/одделенска настава, дипломиран психолог, дипломиран педагог, дипломиран дефектолог или дипломиран социјален работник, имаат искуство во работа како лични/образовни асистенти во претходните циклуси на проекти, поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попреченост издадена од овластена институција.

Барањето за учество во проектот „Образование за сите“ (заедно со потребната придружна документација) може да се поднесе во Архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6, од 9 до 15 часот.

Јавниот повик ќе трае пет работни дена од денот на неговото објавување, а е достапен на веб-страницата на Општина Центар и на огласните табли на општинските основни училишта.

Заинтересираните лица што ќе бидат вклучени во проектот „Образование за сите“ ќе имаат скратено работно време од 20 работни часа неделно, во период од осум месеци, почнувајќи од 1 октомври 2023 година до крајот на учебната 2023/2024 година.

За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во проектот „Образование за сите“ се предвидува паричен надоместок во висина од 12.000 денари (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.

Другите услови, права и обврски ќе бидат уредени со склучување Договор помеѓу Oпштина Центар-Скопје и ангажираните лица.