Општина Охрид финансиски ќе поддржи организација што ќе им помага на децата со атипичен развој

11

Општина Охрид финансиски ќе поддржи граѓанска организација што ќе згружува и третира деца со атипичен развој на територијата на општината.

Во таа насока локалната самоуправа распиша Јавен повик за финансиска поддршка на граѓанскa организациja што ќе го координира работењето на Центарот за згрижување и третман на децата со атипичен развој.

Согласно Програмата за социјална и здравствена заштита за 2022 година во општинскиот буџет се предвидени средства за финансиска поддршка на Центар посветен на деца со атипичен развој и аутистичен спектар на територија на Oпштина Охрид. Средствата се исклучиво наменети за поддршка на семејства од социјален ризик и треба да овозможуваат намалување на трошоците на тие семејства кон Центарот. Вкупната финансиска поддршка за оваа намена изнесува 192 илјади денари, информираат од Општина Охрид.

Право на учество на Јавниот повик имаат граѓански организации што нудат услуги на територијата на Општина Охрид и регистрирани согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации. Дополнително истите треба да спроведуваат активности од областа на социјалната заштита и имаат искуство најмалку една година во работа со Центар кој третира и згрижува деца со атипичен развој.