Општина Охрид дел од проектот „Ослободи го умот од корупција“

17

Статистичките податоци на ОН покажуваат дека секој граѓанин на возраст од 18 до 64 години во животот се има соочено со некаков вид поткуп на јавен службеник. Дури 6,2 отсто од луѓето се со директно искуство на поткуп.Тоа беше истакнато на денешната промоција на проектот „Ослободи го умот од корупција“ што Општина Охрид го спроведува преку Здружението на граѓани – театар „Боеми“ со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје и Министерството за локална самоуправа.

– Се работи за проект насочен кон борбата против корупцијата со вклучување и анимирање на бројни граѓански и професионални структури што ќе бидат дел од мрежата „Развој“ чија цел ќе биде ефикасна борба против корупцијата, нејзино континуирано намалување и обезбедување демократски амбиент и востановување на систем за долгорочен развој на општеството, истакна претседателот на Советот на Општина Охрид Живка Ангелоска.

Проектот „Ослободи го умот од корупција“ е составен од интерактивна театарска претстава „Хепи Хипо Шоу“, документарен филм, истражување, научна студија и социјална мрежа за долгорочно суштинско надминување на корупцијата во нашата земја која ќе вклучува 2.100 учесници.

По презентацијата на проектот, во соработка со ЈП „ Охридски комуналец“, беше засадено дрво- јавор во дворот пред општинската зграда кое симболично ќе го носи името „Дрво на развојот“.