Општина Куманово ќе субвенционира комуналии за стечајци и сиромашни

54

Куманово ќе продолжи со субвенционирање комуналии за ранливите категории граѓани. Стечајните работници ќе користат субвенции за комуналии, за сметка за изнесување смет и потрошена вода. Но, за разлика од претходните години кога бројката на корисници по овој основ изнесуваше околу 1.500 лица, годинава, во првите шест месеци ќе бидат опфатени 120 стечајци.

– На добар дел од претходните корисници решен им е статусот со Законот за стечајците, така што тие веќе нема да ги користат овие субвенции, изјави Цоки Ристовски од општина Куманово.

Општината ќе трансферира средства за потрошената вода и изнесување на комунален смет до двете јавни претпријатија во Куманово: “Чистота и зеленило# и “Водовод“, но вкупната сума не смее да надминува 1.200 денари. Ваква субвенција ќе користат и еднородителските семејства од Куманово. За годинава, одвоени се средства за вкупно 100 семејства. Годинава, општината ќе одвои 400.000 денари за еднократна парична помош и помош во натура за најранливите категории кумановци. Овие средства се наменети за семејства чии домови настрадале од елементарни непогоди, пожари, поплави, семејства во кои има болни лица и за чие лекување се потребни средства.

Барање за исплата на еднократна парична помош можат да се поднесуваат двапати годишно, но едно семејство може да добие помош само еднаш во годината.