Општина Карпош се приклучува кон акцијата „Час на планетата Земја“

41

Општина Карпош се приклучува кон акцијата „Час на планетата Земја“. Станува збор за најголемата светска волонтерска акција.

Како што информираат од локалната самоуправа, в сабота од 20:30 часот, ќе биде изгаснато јавното осветлување на три локации: плоштадот „Делфина“ во Влае 2, плоштадот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“, во урбаната заедница „Пецо Божиновски – Кочо“ и платото на „Млечен“, во УЗ „Владо Тасевски“.

-Со гасењето на светилките, во времетраење од еден час испраќаме силна порака за спас на планетата Земја. На овој начин се потсетуваме на значењето на електричната енергија, но и влијанието на климатските промени-потенцираат од Општина Карпош.

„Часот на планетата Земја“ е акција која ја истакнува и одговорноста на секој чинител за одговорно однесување кон животната средина.

Кон акцијата може да се приклучи секој граѓанин или деловен субјект, со тоа што ќе го исклучи светлото во определениот час, но нема да ја загрози својата лична и јавна безбедност.