Општина Битола ќе издвои 24 милиони денари за одржување комунални објекти и инсталации

26

Општина Битола во текот на годината ќе издвои 24 милиони денари за одржување на комунални објекти и инсталации, локални патишта и улици.

За зимско одржување на улиците планирани се околу 11 милиони денари, за одржување на хоризонталната сигнализација на улиците општината ќе потроши пет милиони денари, додека за вертикална сигнализација и поставување на нови патокази и сообраќајни табли планирани се милион денари.

Од Општина Битола информираат дека годинава ќе бидат реконструирани, сервисирани и поставени нови семафори на сообраќајниците во градот, а за поголема безбедност во локалниот сообраќај планирани се средства и за други проекти.

Средствата за реализација на програмата за одржување на комунални објекти и инсталации, локални патишта и улици во општина Битола за 2018 година ќе бидат обезбедени од Агенцијата за државни патишта на Република Македонија и од комунални такси што ги собира тамошната локална самоуправа.