Општина Арачиново денеска соопшти дека општинската администрација нема да работи поради безбедносни причини.
– Се извинуваме што нема да можеме да вршиме услуги и законски обврски кон граѓаните, но ваквата мерка главно е преземена поради безбедноста на вработените во општинската администрација, но и на граѓаните кои се обраќаат до Општината, се наведува во објавата на официјалната Фејсбук страница на Општина Арачиново.
Во објавата се додава дека ваквата одлука била донесена откако „по втор пат е нарушена безбедноста на вработените во општинската администрација и градоначалникот“.
– Таквата одлука е против нашата волја и желба, но е неизбежна, се додава во објавата, во која се посочува дека за следното решение за работењето на локалната самоуправа граѓаните ќе бидат навремено информирани, се вели во соопштението.
МВР соопшти дека полициски службеници во вторникот го привеле 69-годишниот арачиновец Р.А., постапувајќи по пријава на градоначалникот Ридван Ибрахими, кој во СВР Скопје пријавил дека додека тој не бил присутен во општинската зграда, приведениот пред други присутни лица упатувал закани по неговиот живот.
Според Ибрахими, заканите биле изречени „во врска со предмет за доделување на користење на земјиште“.
Од МВР информираа дека по документирањето на случајот против приведениот ќе биде поднесена пријава за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста” по член 144 став 4 од Кривичниот законик.