Според ИЈЗ, од втори август до крајот на 2021 годината, за период од пет месеци вкупните реинфекции во земјава беа 1.032 лица, а сега само за период од првите две недели од Новата 2022 година вкупно се реинфицирани 1.119 лица. Професорот д-р Никола Пановски препорачува возрасната популација да се вакцинира со трета доза, особено баби и дедовци за да се заштитат од тешка форма на болеста и да не мораат заради нив внуците по 8 часа да носат маски

Омикронот не се предава, во петтиот бран од епидемијата во земјава не само што расте бројот на заразени лица туку драстично се зголемува бројот на лицата што веќе ја прележале болеста и сега повторно се инфицирани со ковид-19. Во последната дневна статистика на Институтот за јавно здравје, од вкупно 1.822 позитивни лица, регистрирани се 173 реинфекции. Во период пак од една недела, односно од 3 до 9 јануари, од 8.308 инфицирани пациенти пријавени се 946 реинфекции, што е зголемување од седум пати во однос на претходната недела.

Бројките на реинфекции поради омикронот се значително поголеми доколку се спореди со оние кога во земјава беше доминантен делта сојот. Така, од втори август до крајот на 2021 годината, за период од пет месеци вкупните реинфекции беа 1.032 лица, а сега само за период од првите две недели од Новата 2022 година вкупно се реинфицирани 1.119 лица.

Во исто време, како што информираат од Министерството за здравство, секој четврти тестиран за ковид-19 во земјава е позитивен на вирусот. Бројките потврдуваат дека од 7.123 тестирани граѓани дури 1.822 беа позитивни што е околу 25,5 отсто, а слично беше и кога имавме рекордни 1.964 новозаразени од 7.724 тестирани што исто така е околу 25,4 отсто.

Повторното заразување со вирусот ги вознемири македонските граѓани, а реинфекциите се главна тема и на социјалните мрежи. Изминативе денови на оваа тема се дебатира и на најголемата група насловена Ковид 19 Искуства и Совети која веќе две години им овозможува на нашите граѓани стручно да се информираат за вирусот. Пациентите бараат совет, но и одговор од нашите еминентни епидемиолози и микробиолози зашто и кога веќе имаат прележано и се вакцинирани со две дози им се случува повторно да се заразат од вирусот. Тие отворено прашуваат дали има ефект од бустер доза кога омикронот никој не го заобиколува!?

Професорот д-р Никола Пановски, кој секогаш е подготвен да им помогне со совети на граѓаните сега препорачува да се вакцинираат сите возрасни генерации за да може да се ослободат децата од носење на маски.

И сега велам да се вакцинирате, особено баби и дедовци и сите повозрасни со трета доза за да се заштитат од тешка форма на болеста и да не мораат заради нив внуците по 8 часа да носат маски. А дека вакцинираните, за жал, ја шират болеста, тоа е ноторен факт, па во групава во моментов има пораки во овие три дена само до мене од преку 100 вакцинирани и заразени. Па нели гледате што се случува во Британија, со 80% вакцинирани, по 240.000 нови случаи на ден. Шират и вакцинирани и невакцинирани. Затоа вакцини ДА, без присила, сертификати и ковид пасови НЕ, укажува микробиологот Пановски.

Неговиот став го поддржа и д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

Еве и јас како мојот ценет колега на сите во и над петта деценија од животот ќе Ви препорачам да примите трета доза. ЗОШТО??? За да се заштитите од можни компликации од вирусот. ДАЛИ ПО ТРЕТАТА ДОЗА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ЗАРАЗИТЕ??? Многу малку веројатно од делта сојот и не толку неверојатно од омикрон, НО И ВО ДВЕТЕ ВАРИЈАНТИ, ќе го пребродите вирусот многу полесно и многу веројатно без потреба од хоспитализација – вели д-р Беќаровски и дополнува дека и по третата доза ќе продолжат да го шират вирусот, но 4 пати со помала веројатност и со 2-4 пати со помала можност да заразите некој друг.

Во моментов во земјава активни се над 14.000 случаи со коронавирус, а според последните податоци омикрон варијантата e детектирана кај 68 отсто од секвенционираните примероци направени во лабораторијата.

(В.Ма.)