Примариус д-р Оливер Зафировски е назначен за директор на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје, на местото на д-р Дејан Докиќ. Деновиве од Клиниката за неврохирургија замина и поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Пациентите кои имаат потреба од стручноста на д-р Филипче негодуваат, оти, како што велат, губат врвен специјалист од секторот неврохирургија.

 

Примариус д-р Оливер Зафировски е назначен за медицински директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје. Доктор Зафировски е стручњак со долгогодишно специјалистичко искуство од пулмолошкиот сектор во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје. Новиот министер за здравство Арбен Таравари го назначи на местото на досегашниот директор д-р Дејан Доќиќ.

–Би сакал да им се заблагодарам на моите колеги од Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје, каде што работев повеќе од 30 години и заедно ја изградивме во врвна медицинска институција. Како директор на новото работно место, ќе се залагам за поквалитетни здравствени услуги и третман на пациентите на високо стручно ниво. Верувам дека конечно ќе ја вратиме довербата во нашиот здравствен систем, каде што граѓаните ќе се лекуваат по светски стандарди, објави д-р Зафировски на својот фејсбук-профил.

Деновиве од Клиниката за неврохирургија замина и поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Во 2022 година по заминувањето од министерската функција, д-р Филипче се врати на редовна работа во оваа клиника и на Медицинскиот факултет во Скопје. Филипче за весникот ВЕЧЕР ја потврди информацијата и изјави дека ќе се посвети на политиката, поточно на СДСМ, каде неодамна е избран за лидер на партијата . Пациентите кои имаат потреба од стручноста на д-р Филипче се незадоволни, оти тие како што велат губат врвен специјалист од секторот неврохирургија.

Меѓу новите директори е и доцентот д-р Никола Ѓорѓиевски, кој раководи со Универзитетска клиника за нефрологија. Ирена Алексиоска-Папестиев од неодамна е новиот директор на скопска Гинекологија. Таа го завршила Медицински факултет на УКИМ во 2006 година, како најдобар студент на генерација со просек 9,7 за што добива награда од УКИМ и Македонско лекарско друштво.

Дел од новата гарнитура е и д-р Синиша Стојаноски, кој е назначен за нов директор на ГОБ „8 Септември“. Тој ја презема поранешната Воена болница од Христијан Костов. Стојаноски е доцент на Институтот за патолошка физиологија и нуклеарна медицина.  

(В.Ма.)