Денот на Октомвриската револуција секоја година се слави на 7 ноември, но Октомвриска е бидејќи превратот се случил на 23 октомври 1917 по стариот јулијански календар. – Некогаш најважниот советски празник е прв значен глобален настан на 20 век

Годинава се навршуваат 102 години од Октомвриската револуција, која во советската историографија беше именувана како Голема октомвриска социјалистичка револуција, а на Западот како Болшевичка револуција.

Октомвриската револуција е прв значен глобален настан, со која се поставија основите на блоковската поделба што одбележа речиси половина од 20 век и кулминираше со Студената војна на идеолошко ривалство меѓу поранешниот Советски Сојуз и западните држави, предводени од САД.

Револуцијата започна во Петроград (денешен Санкт Петербург) на 7 ноември 1917 година или 23 октомври 1917 година, по стариот јулијански календар, кој бил во официјална употреба во царска Русија, па од таму и нејзиното име е „Октомвриска“.

Октомвриската револуција  го стави Петроград под контрола на неговите работници, разочарани од хаосот на Првата светска војна. Преземањето на Петроград беше релативно едноставно, затоа што работниците на најклучните инфраструктурни точки беа лојални на Петроградскиот совет, во кој доминираа болшевиците. Откако Ленин и Воениот револуционерен комитет го објавија превратот еден ден претходно, железничарите и морнарите од Кронштад се собраа и маршираа кон центарот на градот.

Зимскиот дворец беше слабо бранет од 3.000 кадети, Козаци и жени-војници, и спротивно на херојските екранизации кои потоа ги прикажуваа советските филмаџии, привремената влада се предаде давајќи малку отпор. Всушност, болшевиците активно избегнуваа фатални ситуации во Зимскиот дворец, одложувајќи го нападот неколку часа.

Првите кадети ги предадоа своите позиции во 18:15 часот, а кабинетот на привремената влада официјално се предаде во 2:10 часот. До следниот ден рускиот главен град беше под управа на Вториот конгрес на Советите, кој се состоеше само од болшевици и леви социјалисти-револуционери.

И покрај називот на празникот – Ден на Октомвриската револуција – секоја година се славеше на 7 ноември. Советските лидери се трудеа да ја направат првата годишнина за паметење, иако земјата беше вовлечена во граѓанска војна. Владата направи големи гестови: во Москва беше подигнат споменик на Маркс и Енгелс и беа направени повеќе од четири милиони разгледници посветени на револуцијата. Пропагандниот филм „Годишнина од Револуцијата“ исто така беше прикажан во десетина советски градови.

Првите неколку празници беа мошне театрални. Во 1920 година, на плоштадот „Урицкаја“  во Ленинград беше инсцениран јуришот на Зимскиот дворец (поранешна резиденција на привремената влада). Учествуваа околу 6.000 луѓе. Но поради финансиски проблеми во доцните дваесетти години, вакви претстави престанаа да се одржуваат.

Десеттата годишнина во 1927 година беше една од најголемите, со еден милион луѓе кои маршираа на „Црвениот плоштад“. Во чест на денот, советските луѓе добија уште еден неработен ден на 8 ноември. Во Советскиот Сојуз беше строго забрането да се работи во овие денови. 20-годишнината беше прославена и покрај монументалниот конфликт на СССР со нацистичка Германија и фашистичка Италија. Прекрасна воена парада, вклучувајќи ги и воздухопловните сили, беше организирана за да му ја демонстрираат на светот советската моќ и подготвеноста на народот да ја брани татковината. Делегација на странски работници, исто така, присуствуваше на советските паради. За време на парадата во 1937 година, СССР ги поздрави шпанските републикански борци.

Во постсоветска Русија, Денот на Октомвриската револуција се славеше до 1996 година, кога беше заменет со Денот на народното единство (до 2004 година). Во 2005 година, 7 ноември повеќе не беше неработен ден.

Распадот на Советскиот Сојуз влијаеше и врз историските толкувања на Октомвриската револуција. Зголемениот пристап до советските архивски материјали по 1991 година овозможи преиспитување на ставот кон Октомвриската револуција. Новите руски историчари во голема мера ја отфрлаат поранешната советска историска интерпретација на Револуцијата, но сепак овие ревизионисти целосно на се откажаа од изградениот став кон неа од времето на Советскиот Сојуз. Независно од гледањето и толкувањето на значењето на Октомвриската револуција, неспорно е дека таа го промени текот на модерната светска историја.

Овие денови, Октомвриската револуција реално ја слават само Комунистичката партија и нејзините поддржувачи. Но, тоа е сè уште официјален празник признаен во неколку постсоветски земји: Белорусија, Киргистан и самопрогласената Приднестровска Молдавска Република.