Зазеленет дворот на средното училиште „Никола Карев“

85

Средното училиште „Никола Карев“ се наоѓа на списокот меѓу двете средни градски училишта „Димитар Влахов“ и „Корчагин“ кои се во планот за чист воздух, со тоа што комплетно е уреден училишните двор со површина од 7.000 квадратни метри.

Дворот е уреден со 40 листопадни и 40 зимзелени дрвја и украсни грмушки, плодородни дрвја, како и ароматични растенија кои се најдобри за апсорбирање на штетните честички од воздухот, а има  и автоматски систем за наводнување кое е од бунар.

-Во рамките на проектот „Зелен лист-воздух чист“ заедно со Шумарскиот факултет и Факултетот за земјоделски науки и храна ќе настојуваме дворовите на  сите средни училишта да се претворат во паркови во кои ќе можат да уживаат не само учениците, туку и околните жители – изјави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули кој заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов присуствуваа на промовирањето на оваа зелена површина.

Тој додаде дека покрај сообраќајниците и училиштата ќе создадат и зелени ѕидови како бариери меѓу сообраќајот и училиштата.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, потенцираше дека Градот добил 2.800.000 денари од Програмата на Владата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, за озеленување и уредување на дворовите на трите средни училишта, од кои дворот на средното училиште „Димитар Влахов“ е со површина од околу 1.000 квадратни метри, додека на „Корчагин“ е со површина од околу 1.500 квадратни метри каде што целосно е обновено зеленилото и е поставен систем за наводнување, што ги прави лесни за одржување.

Тој додаде дека на овој начин се реализира концептот на Градот сите дворови на средните училишта да станат мини паркови и се надева дека во некои подобри времиња кога ќе се намали деструктивноста кај граѓаните, ќе се отстранат оградите на средните училишта и ќе се користат како јавен простор.

-Борбата со аерозагадувањето е перманентна, секојдневна, мерките се најразлични, вклучувајќи и ваков вид на зеленило, како и на зеленилото што кога ќе стане потопло, исто така, ќе се засади во овој двор. И само со посветена и заедничка соработка на единиците на локалната самоуправа, Градот Скопје, Министерството за животна средина, Владата и граѓаните можеме да успееме во таа битка – нагласи Шилегов.

(А.П.)