Од 9.000 понудени работни места во целата држава повеќе од 5.000 се во Скопје

74

Со попуштањето на мерките за заштита од ковид-19 се зголеми потребата на компаниите од нови работници. Во последно време на дневно ниво се објавуваат до десетина илјади огласи за вработување со кои се бараат еден или повеќе работници.

Најбарани и понатаму остануваат општите работници, продавачите, хигиеничарите, келнерите, а од оние професии за кои се бара повисок степен на образование, меѓу десетте најбарани се само програмерите. Според вчерашната објава на Агенцијата за вработување меѓу најбараните занимања се и контролор на игри во казино, шанкер, готвач, градежник, обезбедувач, магационер, кројач, комерцијалист, административен службеник. Се бараат над 900 хигиеничари за станбен, деловен или производствен простор, близу 600 општи работници и исто толку продавачи. Вчера имаше побарувачка и од повеќе од 400 келнери, околу 260 програмери, 179 возачи на камион, 171 возач на товарно возило, 165 шивачи на текстил…

Најголема потреба од нови работници имаат преработувачката индустрија и трговијата кои нудат по околу 1.400 работни места, како и туристичко-угостителските дејности, административните и помошни услужни дејности и градежништвото кои огласиле по над 1.000 работни места.

Повеќе од половина од новите вработувања треба да реализираат скопските фирми. Од над 9.000 огласи, објавени на веб-страницата на Агенцијата за вработување, вчера напладне повеќе од 5.000 се за работа во Скопје. Од другите градови низ државата најголема понуда има Штип, каде што фирмите бараат 412 работници, а следат Тетово со 403, Битола со 395, Струмица и Гевгелија со околу 350 непополнети работни места. Најмала побарувачка од работници има во Виница, само едно, Кратово – три и Дебар и Крушево – по четири.

Според најновата објавена евиденција на Агенцијата за вработување во април биле пријавени 144.390 лица, кои активно бараат работаи уште 57.522 пасивни баратели на работа. Од нив околу 17 илјади се пријавиле како невработени откако останале брз работа поради кризата предизвикана од пандемијата во периодот од 11 март лани, до крајот на април годинава. Околу 7.000 од вкупниот број невработени чекаат вработувањеповеќе одосум години, a околу 16 илјади од пет до седум години. Најголемиот дел од лицата, кои бараат работа, се без или со основно образование, а меѓу другите на списокот на невработени се и 866 магистри и 31 доктор на науки.

Годинава, до крајот на април, во Агенцијата се евидентирани вкупно околу 62 илјади вработувања. Од нив нешто помалку од 27 илјади се на неопределено, а останатите околу 35 илјади на определено време и за сезонска работа. (С.В.)