Од 15 јуни повторно воз Скопје – Солун

Цената на повратиот билет на релација Скопје - Солун ќе чини 1.200 денари. Ќе се тргнува секој ден во 4.45 часот, со што ќе се пристигне на солунската железничка станица во 9.33 часот, од каде ќе може да се фати врска со грчки воз за летувалиштата во Литохоро, Лептокарија и Неи Пори

1328

Железници на РСМ-Транспорт од 15 јуни повторно го воведуваат експресниот воз од Скопје до Белград и до Солун. Возот од македонската метропола кон Солун ќе поаѓа секој ден во 4.45 часот, со пристигнување на солунската железничка станица во 9.33 часот, од каде ќе може да се фати врска со грчки воз за летувалиштата во Литохоро, Лептокарија и Неи Пори. Железницата сезонава воведува атрактивни цени за повратен билет меѓу Скопје и Солун преку тарифската понуда „Сити стар“ (City Star) за групни патувања.

Па така, ако групата што ќе патува со воз, во идентичен ден, ја сочинуваат пет возрасни патници, цената на повратниот билет меѓу Скопје и Солун ќе изнесува 836 денари или 13,5 евра. Ако групата ја сочинуваат пет возрасни лица и едно дете, билетот за еден патник ќе изнесува 756 денари или 12,2 евра.

Редовната цена на билетите меѓу Скопје и Солун изнесува 12,2 евра во еден правец и 19,5 евра во двата правци по патник. Kон Солун со воз ќе се патува до Гевгелија, а на релацијата меѓу Гевгелија и Солун е обезбеден автобуски превоз на „Грчките железници-ОСЕ“. Железничките билети можат да се набават на меѓународната билетара на станицата во Скопје, како и во другите поголеми железнички станици до Гевгелија по кои се движи возот.

Во периодот од 15 јуни до 16 септември, железничка врска од Скопје ќе има и за Белград, со возот што поаѓа секојдневно во 22:19 часот. Повратниот билет за воз меѓу Скопје и Белград изнесува 1.709 денари (27,6 евра), меѓу Скопје и Загреб ќе може да се патува по цена од 3.653 денари (59 евра), додека цената на билетот до Љубљана изнесува 4.643 денари (75 евра) за двата правци. Важна напомена за патниците е дека експресниот воз сообраќа до белградската железничка станица Топчидер.