Од 1 јули патарините во Србија поскапи за 12 отсто

65

Користењето на автопатиштата низ Србија од 1 јули ќе биде поскапо за 12 проценти.

Според новиот ценовник на јавното претпријатие „Патишта на Србија“ (Путеви Србије) патарината од Белград до Ниш за возила од прва категорија ќе се зголеми од 800 динари или 7 евра на 896 динари, а од Белград до Прешево ќе скокне од 1.090 на 1.220 динари.

Од Белград до Шид наместо за 370 динари од следниот месец ќе се вози за 414 динари, од Белград до Нови Сад од сегашните 210 динари ќе се вози за 235, а од главниот град на Србија до Суботица од 560 динари цената се зголемува на 627.

Србија е една од 13 земји во Европа во кои патарината се пресметува според поминати километри, покрај Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Турција, Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Норвешка, Ирска и Полска.

И покрај посакупувањето, од „Патишта на Србија“ тврдат дека возењето низ Србија е најефтино во Европа и чини 0,036 евра по поминат километар. Во Турција цената е 0,039 евра, во Грција и во Италија по 0,05 евра, во Хрватска и во Португалија по 0,06 евра итн.

Со комплетирањето на автопатот од границата со Македонија до Белград низ Грделичка клисура, Србија во моментов има 826 км автопатишта, а во план е проширување на автопатната мрежа на 1.154 км.