Од 1 декември – едно најлонче, едно алтанче!

590

Државата воведува дестимулативна мерка за користење на пластичните кеси, или попознати како најлончиња. Со закон се воведува ваквите кеси од 1 декември да им се продаваат на купувачите по 15 денари, а средствата од продадените пластични кеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплатуваат на посебна сметка на органот за животна средина.

Ова е само една од новините што се предвидени во пакетот од четири закони од областа на управување со отпадот, кои поминаа во Парламентот, а со кои се очекува да се намали количеството на отпад во земјава.

ДОСТАПНИ И ЕВТИНИ

Пластичните кеси трговците на своите купувачи им ги даваат бесплатно, но во некои маркети се наплатуваат по денар или 2 денари.

– Особено ако се бесплатни, се невообичаено удобно решение за потрошувачите и поради обемот на нивната потрошувачка претставуваат еден вид обележје на денешното време. Овој изум на 20 век има толку широка примена што денес го среќаваме насекаде и во секојдневна употреба. За првпат тие беа ставени во употреба на крајот на 70-тите години на минатиот век и благодарение на нивната намена и корист брзо беа прифатени и од продавачите на мало и од потрошувачите. Иако се исклучително функционални (способни да носат 1.000 пати поголема маса од сопствената), лесни, хигиенски и водоотпорни, пластичните кеси, исто така, се симбол на „општество што фрла“ – се вели во Студијата за јавна политика, објавен минатата година под наслов „Намалување на употребата на пластичните кеси“, а кој го изработија претставници на партиски истражувачко-аналитички центри и комисии на партиите ВМРО-ДПМНЕ, Движење БЕСА, ДУИ и СДСМ, проф. д-р Јадранка Блажевска Гилев, експертката Неда Малеска Сачмароска и тимот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Нивната популарност се должи на фактот дека многу години тие им беа достапни на корисниците во неограничено количество. Сепак, главно, поради огромниот еколошки предизвик и заканите за природното опкружување, низ годините ситуацијата започна да се менува, што е резултат токму на таквата универзална и неограничена употреба на пластични кеси кои по многу краток животен циклус стануваат отпад.

Ваквите состојби доведоа до широка дискусија во рамките на земјите членки на Европската Унија (ЕУ), во која се воспоставија цели за намалување на годишната потрошувачка на пластични кеси по глава на жител, од рекордните 200 до 300 кеси годишно по глава на жител во 2010 година, до максимум 90 лесни пластични кеси по лице до крајот на 2019, односно до најмногу 40 кеси до крајот на 2025 година.

– Иницијативите на националните власти на земјите членки на Европската Унија се насочени кон намалена употреба на пластични кеси и оксоразградливи пластични кеси, подобро управување со отпадот и одговорно однесување на потрошувачите. Мерките за постигнување на овие цели се движат од ограничување на достапноста и наметнување обврска за наплата до забрана за нивно користење, разни поттикнувачи за користење на друг вид на торби, образовни активности, кампањи и подобрено информирање со кои ќе се разбере влијанието на отпадот од пластични кеси врз животната средина и ќе се поттикнат долгорочни промени во однесувањето – се вели во студијата.

И БИОРАЗГРАДЛИВИТЕ КЕСИ СЕ ПЛАСТИКА

Ограничувањето на употребата на таканаречените „биоразградливи“ пластични кеси е уште една од редот иницијативи, поткрепена од независни експертски студии, во кои се покажа дека нивната фрагментација честопати е несоодветна и дека употребените хемикалии се штетни за процесот на рециклирање.

– „Биоразградливи кеси“ е најчесто несоодветно користен синоним за „оксоразградливи пластични кеси за носење на стоки“ кои се, всушност, пластични кеси за носење на стоки изработени од пластични материјали кои содржат адитиви кои дејствуваат како катализатор за фрагментацијата на пластичниот материјал на микрофрагменти – објаснуваат во студијата.

Посочуваат на штетните последици од употребата на пластичните кеси, за кои велат дека за нивно разградување се потребни повеќе од 100 години.

– Микропластиката е присутна насекаде околу нас. Ја има и во воздухот, во почвата, како и во реките, езерата и морињата. Таа е пронајдена дури и во најдлабокиот дел во океаните, а пронајдена е и во дигестивниот тракт од морските зоопланктони до најголемите морски цицачи. Таа, исто така, ја има во водата амбалажирана во пластичните шишиња, во водата од чешма, во пивото, медот и шеќерот. Тешко е да се утврди зошто е присутна во овие производи и се проценува дека потекнува од загадувањето на животната средина, вклучително и водата, од третманот при прочистување на водата, од ѓубривата кои се користат за почвата, или од процесите на преработка на производите, како и од пакувањето – појаснуваат во студијата.

Контаминацијата на почвата со макропластика, микропластика и нанопластика е од клучно значење бидејќи директно влијае на производството на безбедна храна. Од извршените истражувања утврдено е дека ѓубривата кои се користат за почвата содржат микропластика, при што ова загадување е до 20 пати поголемо од загадувањата на водните површини.

– Загадувањето на почвата, главно, потекнува од поли(етиленските) пластеници кои се користат за оранжериите, од водата која потекнува од третманот на отпадни води, како и од водата која потекнува од перење на текстилните синтетички материјали. Поради отежнатата деградација при осиромашени услови на кислород и светлина оваа микропластика останува во почвата повеќе од 100 години. Притоа, од испитувањата на бројни научници утврдено е дека адитивите на пластиката, фталати, полиброминиран дифенил етер, бисфенол А и слично се присутни во свежиот зеленчук и овошје – објаснуваат во студијата.

ЗДРАВСТВЕНИ ПРОБЛЕМИ

Честичките од пластиката можат да се внесат во организмот со вдишување, инхалирање или преку голтање. Здравствените проблеми кои може да ги предизвика, главно, потекнуваат од адитивите кои се составен дел на пластиката, како што се: пластификаторите – фталати, бисфенол А, антимикробните агенси, полибромните успорувачи на горењето и слично, кои во пластиката се додаваат до 5% во зависност од типот на производот. Тие предизвикуваат ендокрини нарушувања и имаат канцерогени ефекти.

– При вдишување на микропластиката и нанопластиката, може да настанат здравствени проблеми кои можат да бидат воспалителни како што се заболувања на цревата, кардиоваскуларни или канцерогени заболувања. Може да се предизвика генотоксичност, односно оштетувања на преносот на генетските информации во клетката, што може да предизвика мутации кои доведуваат до карцином – се вели во студијата.

При процесите на согорување на пластичниот отпад доаѓа до емисија на адитивите од пластиката како што се: оловото и живата, диоксините, фураните и слично, кои можат заедно со летачката пепел да се депонираат во почвата и водните површини, за на крајот да се акумулираат во растенијата, животните и преку синџирот на исхрана и во човекот.

– Се проценува дека секоја година ширум светот се трошат од еден до пет трилиони пластични кеси. Пет трилиони пластични кеси се речиси 10 милиони пластични кеси кои се трошат во една минута. Фигуративно, ако се врзат заедно, сите овие пластични кеси би можеле да го завиткаат светот седум пати на секој час – наведуваат во студијата.

Во светот, проблемот на загадување од пластика е сѐ поприсутен и повеќе од 60 земји воведоа забрани и даноци на еднократната употреба на пластичен отпад. Воедно, еден од клучните предизвици е насочен и кон ограничување на потрошувачката на пластични кеси за еднократна употреба. Оттука, многу држави во светот преземаат активности насочени кон ограничување на достапноста на овој вид кеси, притоа мерките имаат разновиден дострел и карактер. Најчесто, тие претполагаат целосна забрана за користење пластични кеси за еднократна употреба, дополнителни даноци или плаќања, како и доброволни договори со продавачите (главно, со синџири на супермаркети) за начинот на нивно користење.

– Во согласност со сите овие наведени факти, за да се заштити животната средина, животинскиот и растителниот свет и, најважно, човековото здравје, треба да се намали употребата на пластиката за еднократна употреба, а во наредната фаза и целосно да се укине – се предлага во студијата.

БЛАГИ КАЗНИ ЗА ФРЛАЧИТЕ НА ЃУБРЕ?

За потсетување, Собранието на Република Северна Македонија ги донесе законите за управување со отпадот, Закон за управување со пакување и отпад од пакување, Закон за управување со дополнителни текови на отпад и Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Во текот на месец август, од страна на Собранието беа донесени Законот за управува со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

– Донесувањето на овој пакет од 6 закони е во насока на реформа на законодавството од областа на управувањето со отпадот, што го опфаќа општиот систем на национално ниво регулиран во општиот Закон за управување со отпадот и посебни закони кои се однесуваат на посебните текови на отпадот, ориентирани кон принципите на циркуларна економија и превенција на отпадот, односно реупотреба, преработка и рециклажа – велат од Владата. 

Со Законот за управување со отпад се очекува да се стави ред со грдите слики што ги гледаме насекаде низ државава – диви депонии, запалени стрништа, полни реки со секаков шут… Но, дали е така? За сите оние кои по усвојувањето на законот фрлаат ѓубре насекаде или ќе палат отпад и во иднина ќе поминуваат евтино. Законот предвидува глоби кои ќе се движат од 150 евра за оние кои ќе фрлат ѓубре кај не му е место, односно од 200 евра ако отпадот го запалат. Глоба од 50 евра е предвидена и за граѓаните кои нема да вршат селекција на отпадот, односно нема да го фрлаат во посебни контејнери, на пример, за хартија, за стакло, за пластика или комунален отпад.

Од 1 декември 2021 година се забранува користење на пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во земјава. Во законот исто така е предвидено производителите што на пазарот пуштаат во промет спакувани стоки од кои се создава отпад во пакување од први јануари 2022 година ќе мора да платат надоместок од 7.400 денари за тон хартија и дрво или 9.200 денари за тон создадена пластика, метал, композит и стакло.

– Се врши разграничување на одговорностите помеѓу чинителите во постапувањето со отпадот пакување, воспоставување на ефикасен систем за управување со овој тек на отпад со кој ќе се овозможи постигнување на целите утврдени во законот на ефикасен начин, како и минимизирање на негативните влијанија од отпадот пакување преку искористување на корисните компоненти со воспоставување на поцврста соработка помеѓу колективните постапувачи, МЖСПП и единиците на локалната самоуправа, како и граѓаните – информираат од Министерството за животна средина.

Од овие законски решенија одговорноста за целиот циклус на отпадот од производство до рециклажа е на производителот, а граѓаните ќе бидат задолжени да вршат селекцијата на отпадот, додека општините заедно со колективните постапувачи ќе имаат јасни обврски да им ги овозможат сите неопходни услови за селекција на отпадот на сите граѓани.

(С.Бл.)