Од утре до 14 мај: Околу 70 издавачи на Саемот на книга

109

Околу 70 домашни и странски издавачи ќе учествуваат на 31. Саем на книгата кој под мотото „Читај!“ ќе се одржува од 8 до 14 мај во ВИП Арената „Борис Трајковски“.

Манифестацијата, како и минатите години ќе понуди разновидни изданија – од белетристика до научни книги, енциклопедии, литература за деца, кои издавачите ќе ги продаваат по снижени цени, а предвидени се и околу 30 промоции во Промотивниот центар во ВИП Арената.

Покрај македонски издавачи, ќе учествуваат и од Србија, Косово, Албанија, Данска, како и од Унгарија, која годинава е земја во фокус и чија книжевност ќе биде претставена на штанд на Унгарската амбасадa. Посетителите ќе имаат можност да се сретнат со авторите Едина Сворен и Ласло Багоши. На 10 мај во Друштвото на писателите ќе биде организирана и трибина на која ќе учествуваат Паскал Гилевски и Златко Панзов – преведувачи на книжевни дела од унгарски на македонски јазик, а ќе биде отворена и изложба на илустрации од унгарски книги за деца.

Саемот на книга на 8 мај во 19 часот официјално ќе го отвори министерот без ресор задолжен за инвестиции Зоран Шапуриќ.

Цената на влезница е 30 денари, а групната е 20 денари. Работното време на саемската манифестација е од 10 до 20 часот. Заради полесен пристап воведени се две вонредни автобуски линии со броеви 100 и 200 до ВИП Арена „Борис Трајковски“. Линијата 100 ќе поаѓа од населба Ново Лисиче, а бр. 200 од населба Дексион.