Од тутун во Македонија повторно ќе може да се живее

55

Првпат можеме да кажеме дека сме задоволни од откупните цени и од поволната проценка на квалитетот, велат тутунарите и за наредната сезона најавуваат зголемување на површините под тутун за 20 до 25 отсто

Тутунарите задоволни од откупната цена и од субвенциите кои ги добија најавуваат дека годинава ќе ги зголемат површините под тутун за 20 до 25 отсто. Добрата цена која се постигна годинава се должи на одличниот квалитет на реколтата, тутунарите очекуваат дека и годинава како и лани ќе добијат повисоки субвенции и тоа 80 денари за килограм прва класа, 70 за втора и 60 денари за трета, четврта…
Досега се откупени 25.000 тони тутун по просечна цена од 214 денари на ниво на Македонија, од кои само во Прилепскиот регион кој е водечки по производство на оваа култура откупени се околу 13 000 тони. Бидејќи реколтата 2018/2019 е една од најдобрите како во однос на квалитетот на тутунот, така и во однос на откупот очекувањата се дека наредната сезона ќе има зголемување на површините под тутун за 20 до 25 отсто.
– Првпат можеме да кажеме дека сме задоволни од откупните цени и од поволната проценка на квалитетот. Мора да бидеме реални и да признаеме дека субвенциите што годинава земјоделците ги издејствуваа од државата се на задоволително ниво. Постигнавме над 200 денари за килограм предадено количество за кое добиваме плус 60 денари поддршка. Тоа ќе ни овозможи да ги покриеме производните трошоци, изјави Данчо Мировски од Здружението на тутунари во Прилеп.

Годинава на производителите ќе им бидат исплатени вкупно 23 милиони евра. Со оваа финансиска поддршка, просечната откупна цена ќе се зголеми на 225 денари или повеќе од четири евра за килограм.

Што се однесува до евидентните листови тие ќе се издаваат и годинава. Од наредната година со стапување во сила на новиот закон за тутун кој е во собраниска процедура евидентните листови ќе бидат укинати. За прилепскиот регион лани беа издадени 10.300 евидентни листови, а тутунот беше засаден на околу 6.500 хектари. Годинава се очекува зголемено производство, да се издадат околу 11.000 евидентни листови и тутунот да се засади на преку 7.000 хектари.
Тутунарите почнаа да ги носат документите за да извадат евидентни листови, а потоа да склучуваат договори со откупувачите. Велат пак ќе садат тутун, барем како лани, но може и да се зголемат површините.
– Лани имав два декара и добив околу 500 килограми и поминав добро при откупот, изјави Алекса Ристески од Прилеп.
– Јас сум тутунопроизводител од Небрегово. Лани имав преку три тони тутун од 15 декари и ми беше откупен по просечна цена од 221 денар. Можеби можеше и подобро, но таква беше годината. Годинава ќе имам барем исти површини засадени со тутун, но размислувам и да насадам повеќе. Досега немаше проблем за пријавувањето за добивање евидентни листови, вели тутунопроизводителот Блаже Мирчески.
Во Македонија околу 70 отсто од површините засадени со индустриски култури отпаѓаат на тутунот. Од вкупниот извоз во земјоделството, тутунот учествува со 43 проценти. Експертите порачуваат државата и натаму да ја стимулира оваа стопанска гранка. (А.С.)