Од септември приклучокот за електрична енергија ќе се намали од 500 на 400 евра

 Како што информира Бислимовски  се очекува во август да се одобри и новиот ценовник со кој трошокот за стандарден приклучок на  електрична енергија ќе се намали од 500 на 400 евра. Новата цена за приклучување на дистрибутивната мрежа на ЕВН ќе важи од септември годинава.

48

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на подготвителна седница ги разгледува Правилата за постапување по приговори и разрешување на спорови со чие донесување треба да се исполнат сите обврски што ги има Комисијата што произлегуваат од новиот Закон за енергетика.

-Овие правила се последен документ кој имавме обврска да го донесеме во рок од една година  од влегувањето во сила на новиот Закон за енергетика. Во изминатата година одобривме шест подзаконски акти што ни го доставија вршителите на енергетските дејности, а еден од најбитните се Правилата за балансирање на електропреносниот систем за кои во изминатите пет-шест години имавме забелешки од Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската комисија дека ги немаме донесено, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски пред почетокот на сидницата.

Најави дека во крајна фаза е и одобрувањето на Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија и додаде дека се очекува до крајот на месецов да бидат одобрени, а во август да се одобри и новиот ценовник со кој трошокот за стандарден приклучок на  електрична енергија ќе се намали од 500 на 400 евра. Новата цена за приклучување на дистрибутивната мрежа на ЕВН ќе важи од септември годинава.

-Го зголемвме и опфатот на стандардни приклучоци со цел да има поголем број на граѓани кои при приклучувањето на своите куќи ќе можат да ги намалат своите трошоци за приклучување на мрежата. Очекуваме намалувањето на стандардниот приклучок да има влијание и на инвеститорите кои градат згради во земјава, бидејќи реално ќе им се намалат трошоците за 100 евра од стан што треба да се одрази и врз цената на становите, рече Бислимовски.