В сабота на 31 август, во Градскиот парк, почнувајќи од 10 до 13 часот ќе се одржи првиот хуманитарниот настан „Праскијада 2019“.

Овој настан е организиран од граѓанската организација „Сите сити“, а е безрезервно поддржан и од весникот „Вечер“.

Како што информираше Блаже Јосифовски, претседател на граѓанската организација „Сите сити“, целта на настанот е да се соберат средства за да се обезбедат 20.000 оброци за социјално загрозени граѓани.

-За таа цел ќе бидат изложени различни производи од праски, кои учесниците ќе ги понудат на гостите посетители на хуманитарната „Праскијада 2019“.

Учесници на настанот  се различни угостителски објекти, од кои најголемиот ќе биде хотелот „Мериот“. Тие ќе подготват џемови, компоти, сокови, торти и други вкусни производи од праски. Граѓаните кои ќе донираат средства за обезбедување на социјалните оброци, ќе добијат картички со благодарност за хуманото дело, изјави Јосифовски.

Тој додаде дека за успешност на овој настан ќе се погрижат волонтерите на „Сите сити“, но и други организации кои ќе помогнат со вредни раце.

Од граѓанската организација „Сите сити“ очекуваат овој настан да го посетат околу 1.000 посетители кои ќе можат да уживаат во официјалниот дел, кој ќе биде проследен со музички перформанс.

-Овој настанот се организира со поддршка на проектот на УСАИД за граѓанско учество, преку кои ја добив наградата за младинско учество која секоја година се доделува на млади луѓе што ги промовираат младите во општествениот живот. Оваа награда ја добив во јуни годинава, а средствата од неа решив да ги искористам за организирање на првата праскијада во нашата држава, вели Јосифовски.

Граѓанската организација „Сите сити“, освен овој, претходно има организирано и други слични.

-Претходно, организиравме акции за собирање на храна. Последна беше „Нахрани 10.000“ која се одржа во април годинава. Со оваа акција се собра поголема количина на храна, поточно се собраа 16.000 оброци кои беа делени од страна на 20 граѓански организации од 10 градови во Македонија. Оброците беа поделени на социјално-загрозени лица (бездомници, жени жртви на семејно насилство, лица со посебни потреби и други) во градовите Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Гостивар, Кочани, Гевгелија, Виница, Радовиш и Струмица, истакна Јосифовски.

Воедно, оваа организација има развиено и веб платформа на која бизнисите (компаниите, фирмите) кога имаат вишоци храна објавуваат, а граѓанските организации се пријавуваат да ја преземат храната како донација.

-Храната се презема со возило од компаниите, фирмите односно бизнисите и се дело во различни центри за бездомници или во народни кујни, објасни Јосифовски.

Според него, тие имаат во план праскијадата да биде редовен, традиционален настан кој ќе се одржува во јуни, кога започнува сезоната на берење на праските.

Граѓанската организација „Сите сити“ постои од 2011 година, формирана е од група млади ентузијасти, а со активности за „спасување“ на храна  и донирање на социјално-загрозени граѓани започнува во 2017 година. Во оваа организација има 100 членови и 30 партнерски организации.

-Целта на нашата организација е да ја видиме Македонија како земја во која храната не се фрла, потенцира Јосифовски.

(А.П.)