Од почетокот на годината во Србија починаа 15.000 луѓе повеќе од десетгодишниот просек

20

Во Србија бројот на смртни случаи во првите осум месеци од 2021 година е поголем за дури 15.124 во однос на десетгодишниот просечен број на смртни случаи во периодот јануари-август, покажуваат најновите податоци на Републичкиот завод за статистика (РЗС), јави дописникот на МИА од Белград.

Според податоците објавени од РЗС, од почетокот на годината, заклучно со последниот ден од август, во Србија починале 82.681 лице. Во споредба со истиот период минатата година, кога бројот на смртни случаи беше 70.322, забележан е раст од 12.359 или 17,6 отсто, соопшти Н1.

Во периодот пред избувнувањето на епидемијата на коронавирус, сметајќи од 2010 година, просечниот број на смртни случаи од 1 јануари до 31 август беше 67.557. Најголем број смртни случаи годинава е регистриран во март, кога починале 12.952 луѓе, што е дури 39 проценти повеќе од дестгодишниот просек за тој месец.

Бројот на живородени деца од почетокот на 2021 година е 39.965 и претставува намалување од 594 (1,5 отсто) во споредба со истиот период минатата година, кога бројот на живородени беше 40.559. Во првите осум месеци годинава, Србија загуби 42.716 жители само врз основа на природниот прираст, што е разлика помеѓу бројот на починати и бројот на раѓања.